Долгата потрага по природна алтернатива на вештачко сино обојување на храната може конечно да заврши откако научниците откриле син пигмент во зелката кој би можел да ја замени вештачката боја.
Сините пигменти ретко се наоѓаат во природните ресурси, како растенија и камења, што значи дека повеќето сини производи, вклучувајќи слатки, пијалаци, лекови, козметика и облека, се прават со употреба на синтетичка сина боја.
Овие синтетички бои обично се направени од петрохемиски производи, што доведува до загриженост за нивното влијание врз животната средина и нивната безбедност како додатоци во храната.
Научниците со децении барале природни алтернативи. Сега, Памела Дениш од Универзитетот „Дејвис“ во Калифорнија, и нејзините колеги пронашле пигмент во црвената зелка сличен на вештачката боја за храна „Е133“.
Овој природен син пигмент, еден вид молекул на антоцијанин, го има само во мали количини во црвената зелка. Сепак, истражувачите откриле дека можат да направат поголеми количини со третирање на доминантните антоцијанини со црвена боја присутна во црвената зелка со специјално дизајниран ензим кој ги претворил во сина боја.
Тимот го искористил новиот син пигмент за да направи син сладолед, глазура за крофни и бонбончиња обложени со шеќер. Овие производи ја задржале сината боја со правилно складирање околу 30 дена.
Мора да се изврши тестирање за безбедност на храната пред природната сина боја да почне да се користи во храната, но Куми Јошида од Универзитетот „Нагоја“ во Јапонија, кој е еден од авторите на истражувањето, вели дека веројатно нема да има негативни ефекти врз здравјето.
- Антоцијанините од црвената зелка имаат долга историја во нашата исхрана - вели таа.
Причината
зошто сината боја е толку ретка во природата е затоа што се потребни сложени молекуларни структури да ги апсорбираат вистинските бранови должини на светлината за да дадат сина боја, вели Ребека Робинс од Глобалниот центар за иновации во Марс Вригли, САД, која исто така била вклучена во истражувањето.
- Потребни се неколку специфични молекуларни карактеристики - вели таа.
Извор:
Newscientist.com
Фото: Pamela Denish, University of California, Davis