Наставник со стап истепал 13-годишен ученик од скопското основно училиште „Живко Брајковски“ во Бутел. Настанот во МВР го пријавил неговиот татко. Како што соопшти МВР, вчера во 16 часот во Секторот за внатрешни работи-Скопје Д.Б.(45), татко на детето, изјавил дека истиот ден, околу 12 часот и 30 минути, во основно училиште во Бутел, за време на настава наставник со дрвен стап му нанел телесна повреда по рацете и вратот на неговиот син. Од МВР наведуваат дека веднаш по пријавувањето на настанот полициски службеници од Полициската станица Чаир излегле на местото на настанот. За случајот бил известен Јавен обвинител и се работи на негово целосно расчистување.
Министерството за образование и наука го осудува инцидентoт и очекува казна за наставникот.
- По добиените наоди од извршениот надзор од Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука очекува соодветно санкционирање на наставникот. Веруваме дека секоја ситуација и конфликт може да се разреши по мирен пат, со разговор, а не со физички пресметки и напади. Штетата е уште поголема што не станува збор за инцидент помеѓу ученици, туку помеѓу наставник и ученик. Апелираме до сите наставници и ученици, проблемите со кои се соочуваат, конфликтите, да ги решаваат во присуство и со помош на психолошко-педагошката служба во училиштата, како и во присуство на родителите и раководните лица на образовната установа – велат од МОН.