X
 25.06.2018 Образование

Исповед на српски ученик што повторувал година: „Не бев ангел, но училиштето не се ни потруди да ме поправи“

Се знаевме од мали, а и ден-денес многу добро се сеќавам кога последната недела од учебната година ми се јави и ми кажа дека ќе го повтори одделението. Не сакаше да слуша, иако сите му велевме дека може барем да се обиде да ги поправи оценките.

Пред некој ден разговарав со него за целиот случај, по 12 години. Дознав дека по усното испрашување по англиски, кое заврши со неславни три единици во пет минути, тој ја фрли училишната клупа и мораше да ја повтори втората година.

Сметаше дека неговите единици се неоправдани, а клупата ја фрли како дел од неговиот младешки протест. Го повтори протестот така што не се ни појави на поправањето на оценките по математика за сите одделенија од генерацијата, што дефинитивно му ја одреди судбината за повторување на одделението.

испит

- Реакцијата на мојата мајка беше рамнодушна, коментирајќи дека и заслужив да го повторам одделението. Рече дека ми е предупредување за посериозно сфаќање на училиштето во иднина. Реакцијата на околината, пријателите и семејството беше осудувачка. Ми велеа: „Оди на училиште, бори се, немој да дозволиш да го повториш одделението, напиши молба до училиштето, до директорката, но јас не слушав никого - почнува да се присетува мојот пријател Александар.

Неговото повторување на одделението беше нешто ново и непознато во нашето општество, а постоеше и еден интересен факт. Имено, следната година Александар требаше да го повторува одделението делејќи ја училишната клупа со помладиот брат. Тој вели дека на почетокот му било чудно, но оттогаш се зближиле повеќе и станале неразделни.

- Следната година добро се вклопив во новото одделение. Добро ме прифатија, а јас не сакав да прифатам други затоа што тогаш имав пргав и бунтовен карактер. Поминувањето на истиот материјал беше досадно и напорно. Тоа можеби психички ми беше најтешко од целокупната ситуација. На крајот не ми беше жал, но жал ми е сега, по 10 години. Сега се сеќавам на тоа како да е една неизбришлива дамка во мојот живот - вели Александар.

Денес, кога некој ќе го праша за глупоста што ја направил во детството, ја менува темата. Освен повторувањето на одделението, тој истакнува дека голема дамка му е и удирањето на новиот автомобил на неговиот дедо, како малолетник без возачка.

- Им препорачувам на младите луѓе, со денешно искуство, да се потрудат и да ги решат своите обврски навреме - советува сосема поинаквиот Александар денес.

Сериозен пропуст на образовниот систем

Сеќавајќи се на оваа приказна, која во голема мера го формирала како личност, тој стигнува до образовниот систем. Александар учел во хотелиерско-туристичкото средно училиште. Не крие дека не бил примерен ученик. Јасно се сеќава дека на дел од предметите не можел да очекува висока оценка бидејќи професорите имале предрасуди за него поради тоа што го паднал одделението.

- Не бев ангел, далеку од тоа, но мислам дека и училиштето не вложуваше напор да ме поправи. Педагошкиот систем во нашето училиште, а мислам и во училиштата во државата, беше многу лош. Некои од моите познајници имаа сличен третман во слични ситуации - вели Александар.

Кога го завршил одделението во вечерното училиште, се вратил со дипломата во неговото матично училиште. Влегол во канцеларијата на директорката и педагогот, за кои тврди дека биле особено непријатни кон него.

На состанокот со најодговорните луѓе од училиштето мавтал со својата нова диплома и дал ветување дека најлошо ќе зборува за училиштето додека е жив. Колку било долготрајно разочарувањето од училиштето, доволно зборува и фактот што тој и понатаму чувствува одбивност кон педагогот. Како што вели тој, да ја видел пред неколку години, ќе ја опцуел. Но денес тоа не би го направил, а не планира ниту да води војна против поранешното училиште.

Причината поради неговата исповед по 12 години е да ги мотивира младите луѓе да ги решат своите училишни обврски навреме и да се потрудат околу оценките, но и знаењето.

Другата причина е можеби уште поважна, а тоа е порака кон училиштата.

- Немојте да имате предрасуди кон учениците што повторуваат одделение. Ако ги имате, тогаш тие ќе ги почувствуваат и никогаш нема да се извлечат од дупката во која ги ставате. Ако ученикот го повторил одделението, подобро размислете што можете да направите за него, но и за себе. Потрудете се да направите психолошка подготовка за следната година за да избегнете нови проблеми. Не сме ние ангели, а не сте ни вие, но вие претставувате систем што мора да преземе свој дел од одговорноста - им порачува на професорите Александар.

Автор: Марко Матијевиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование