X
 09.05.2021 Наша тема

Цртачите се мнозинство во домот на стрип-авторот Игор Јовчевски откако и ќерка му Марија тргна по неговите стапки

Марија црта, растура. Има девет години и црта конкретни работи од свои можеби три години. Никогаш не сум ѝ го наметнувал цртањето како активност, туку некако сама си го сфати како нешто сериозно и прилично внесено и конкретно пристапува кон цртањето и сликањето, вели Јовчевски

Врвен цртач, со афинитети, пред сè, кон американските вестерн-мотиви и тоа до најситниот детал, а исто толку добро и автентично ги пее старите кантри и рокенрол-хитови. Станува збор за нашиот илустратор Игор Јовчевски, кој поради пејачката страна, низ градот е попознат како Елвис. Црта откако знае за себе и е неизлечив стрипоман. Од неговата огромна пасија кон цртањето се заразила и ќерка му Марија, која има девет години и веќе оди по неговите стапки, пред сè, цртајќи ги нејзините омилени дизни-ликови.



- Откако паметам за себе, цртам. Моливи, боички, пенкала, рапидографи и тушеви - секогаш имало околу мене. Први цртежи за кои се сеќавам дека биле пофалени беа цртежи што ги имам нацртано во градинка. Беа изложени во ходникот од објектот и тоа беше првото “WOW” за мене. За брзо време ги открив стриповите, па некако тогаш во таа детска глава ми се јави идејата дека кога ќе пораснам, ќе бидам цртач на стрипови. Во осумдесеттите години трафиките беа преполни со стрипови, кои ние ги нарекувавме „романчиња“, и знам дека секогаш се интересирав кој е цртачот на конкретната епизода. За кратко време почнав да ги препознавам по стилот. Бев целосно маѓепсан. Си имав „коњак“ цртачи и секогаш се радував кога ќе купев нивно дело - вели Игор.



Сам учев да цртам, инспириран од стриповите

Основите околу цртањето ги добил од татко му, додека сè понатаму учел сам, инспириран од неговите омилени стрип-автори. Уште на самите почетоци го оформил цртачкиот стил, кој до ден-денес нема претрпено драстични промени. Игор се држи до класиката во светот на цртањето и луѓето го препознаваат по тој негов печат.



- На најмала возраст татко ми ме подучуваше на некои основи, најмногу околу геометриски форми, нивно однесување во просторот, перспектива итн. Понатаму во животот најмногу сам учев, гледајќи и анализирајќи дела на автори што ме инспирирале. Сметам дека мојот стил претрпе одредени промени, можеби не толку драстични со оглед на тоа што веќе од поодамна го имав изградено стилот и луѓето ми го препознаваат, па се движам во тие препознатливи рамки. Мојот стил за денешни услови е многу класичен, строго базиран на влијанијата од класичните стрип-автори. Некој ќе каже “old school”, но добро, јас не го сметам за старомодно, напротив. Класичниот пристап во цртањето стрипови никогаш не излегува од мода. Најдобар пример за тоа се брендови како „Текс Вилер“, „Дилан Дог“, „Загор“, „Марти Мистерија“, „Магичен ветар“, кои се работат во класичен стрип-стил и им пркосат на времето и на трендовите.



Фанатик за вестерни

Популарноста на каубојските филмови додека растел Игор е главната причина што тој е вестерн-фанатик и токму тоа е негов омилен стил за цртање. Згора на тоа, тој е голем познавач и љубител на кантри и рокенрол-музиката од педесеттите и шеесеттите години, на што можат да посведочат тие што со години го имаат слушано како пее на ноќните свирки низ Скопје.
- Кога бев мал и кога во секое маало имаше по најмалку пет видеотеки, први филмови што сакав да ги имам за мене беа трите шпагети-вестерни на Серџо Леоне со Клинт Иствуд: „За Шака долари“, „За долар повеќе“ и „Добар, грд и лош“. Ги гледав секој ден, анализирајќи сè во филмовите, кадри, движења, фацијални експресии и музиката на Мориконе. На телевизија тоа време редовно се даваа вестерн-филмови, така што таа каубојштина одамна ми е влезена под кожа. Сакав многу да читам вестерн-стрипови, а Текс, поручник Блубери, Команча, Кен Паркер секогаш беа дел од мојата библиотека. Слично е и со музиката, односно сакам каубојска музика. До пред некое време ја викав кантри, но кантрито сосема ја изгуби смислата во последниве десет години - додава Игор.



Ќерка ми Марија црта, растура

Ќерката на Игор, Марија, иако има само девет години, очигледно е дека ја има „раката на тато“. Без никакво форсирање од Игор, таа уште на тригодишна возраст самата изразила желба за цртање и сега тоа е нејзино хоби. Омилени за цртање ѝ се ликовите од цртаните на „Дизни“ и не е среќна додека детално не комплетира одреден цртеж.

- Да, Марија црта, растура. Има девет години и црта конкретни работи од свои можеби три години. Никогаш не сум ѝ го наметнувал цртањето како активност, туку некако сама си го сфати како нешто сериозно и прилично внесено и конкретно пристапува кон цртањето и сликањето. Споменав сликање, затоа што многу сака да работи со акварел, па многу нејзини дела се такви, сликарски.
Ужива да црта конкретни ликови од цртани филмови и многу внимава да го погоди секој детаљ. Сите класични дизни-ликови ги има сработено во акварел, а кога ќе заврши со тоа што ѝ е планирано од „Дизни“, ќе се префрли на други ликови. Црта и пејзажи, зајдисонца, кучиња, мачиња итн. Сме правеле по дома муабет што би сакала да биде кога ќе порасне и досега секогаш дава комбиниран одговор. Сака да биде ликовен уметник, ама да биде и учителка по хип-хоп и модерен балет, но и глумица. Врти-сучи, уметноста ѝ се вртка како опција, а од мене може да добие само помош и бескрајна поддршка.



Ја советувам Марија да верува во себе

Игор секогаш е отворен за совет околу цртањето, како кон Марија така и кон останатите млади артисти кои сакаат да извлечат нешто повеќе од неговото искуство. Тој моментално најмногу е концентриран на детските илустрации бидејќи кај нас тоа повеќе носи заработка, но паралелно е ангажиран околу одржувањето на стрип-културата во Македонија.
- Мојот совет кон Марија е да си верува во себе, да биде свесна колку вреди, но да ги почитува и сите други. Во принцип така ја воспитувам и за сите работи во животот, слично како што и мене ме воспитувале. Друг тип на воспитување не знам. Се случило помлади цртачи да побараат совет од мене или да ме потпрашаат за некоја нивна „недоумица“ како најдобро да ја решат. Секогаш сум расположен да помогнам, не се штедам, спремен сум да ги пренесам работите што ги знам.

Инаку, мојот совет за помладите надвор од занаетчискиот дел е дека треба да бидат упорни и тврдоглави доколку решиле да се занимаваат со овој вид работа. Од цртањето се живее, но само од цртање стрип кај нас не може да се живее, мора да се комбинира со други цртачки области. Во тоа што јас го работам засега најбарани се илустрациите за деца, што и не е толку страшна работа - кажува Игор.


Фото: Приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема