X
 17.06.2019 Култура

Макс Бункер: „Забранетата епизода на Алан Форд не беше намерно инспирирана од Тито“

Оваа година се навршува половина век од почетокот на еден од најпопуларните стрипови на овие простори - „Алан Форд“.

Стрипот доживеа сериозен успех во Италија и во тогашна Југославија, каде што стана своевиден поп-културен феномен. Нема сомнение дека дел од успехот е и благодарение на преводот на Ненад Брикси.

По тој повод ви го донесуваме интервјуто што некогашниот автор на култниот стрип го дал за некогашниот магазин „ХЗабава“.

ХЗ: Кога и како сте го измислиле Алан Форд?

Макс Бункер: Алан Форд? Тоа е идеја што долго време се развиваше во мене. Во мојата природа најмногу е изразена таа хумористично-сатирична црта што до тој момент немав начин да ја изразам. Го напишав првото сценарио во 1967 година и повеќе пати го преработив додека не излезе дефинитивната верзија. Начелно, идејата беше да се направи сатира на Џејмс Бонд: колку е тој организиран - колку останатите околу него се дезорганизирани. И идејата функционираше.

ХЗ: Што мислите, дали помина времето на сатира во стрип?


МБ: Да, помина времето на сатирата. Како за политичката, така и за социјалната. Тоа повеќе не е во мода. Алан Форд некако преживува бидејќи стана еден вид институција.

ХЗ: Дали Ви е познато колку Алан Форд бил популарен во поранешна Југославија? Низа генерации пораснаа со него. Алан Форд имаше огромно влијание врз нас. Ние во Белград речиси почнавме да зборуваме со хрватски дијалект, бидејќи е преведен во Загреб.

МБ: Ова што ми го зборувате ми личи на она што ми се случи во Италија. Денес наидувам на сериозни академски граѓани кои имаат значајни положби во општеството и кои ми пишуваат и кажуваат доста слично како што вие велите дека се случило во Југославија.

ХЗ: Постои едно продолжение на Алан Форд во кое ликот на диктаторот очигледно е инспириран од Тито. Таа епизода никогаш не излезе кај нас. Дали одлуката сте ја донеле свесно?


МБ: Апсолутно не!

ХЗ: Што се случи со Магнус? Зошто престана Вашата соработка по 75 продолженија?


МБ: Магнус долго време покажуваше желба да промени многу работи: темата, сценариото и цртежот. По 10 години соработка, се одлучив на нова авантура. Го заменив со друг цртач, Паоло Пифарери, кој освен што имаше друг стил, исто така знаеше добро да црта.

ХЗ: Со што подоцна се занимаваше Магнус? Дали тој влијаеше врз Вашите сценарија?


МБ: Работеше на разни стрипови. Тешко ми е да се сетам и на моите ликови, а камоли на други. Би бил доста лош автор кога би зависел од својот цртач. Вистината е дека оној што работи на сценариото мора да го води својот цртач. Цртачот е како актер на филм, а оној што пишува е режисерот.

ХЗ: Дали имаше некакви расправии за време на разделувањето?


МБ: Никакви. Согласно разделување. Секогаш бевме во најдобри можни односи.

ХЗ: Дали некогаш сте го запознале Ненад Брикси, нашиот преведувач на Алан Форд?


МБ: Не, но мислам дека за дел од успехот на Алан Форд кај вас е заслужен токму тој. Тие што знаат италијански и српскохрватски ми кажаа дека стилот е целосно испочитуван.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура