X
 26.09.2018 Живот

Сами избираме што ќе бидеме: идиоти, припадници на племиња или граѓани

- Грците, кои ни ја подарија демократијата, велат дека постојат три вида луѓе во секое општество: идиоти, припадници на племиња и граѓани - го започнува своето предавање Нигеријката Ајша Осори на ТЕД-Екс говорот.

- Зборот идиот не се однесува на менталното здравје на една личност, туку тоа е личност која е насочена кон себе, кон својата приватна сфера, ја интересира само нејзиното лично задоволство, имот и корист. Припадникот на племето мисли само на своето племе, на својата група. Се плаши и се сомнева во секој што е различен од него, а кога треба да се соочи со личност што е различна или со некоја тешка ситуација, припадникот на племето станува насилен. И на крај, доаѓа граѓанинот. Граѓанинот е некој што е посветен, разбира дека за да му биде добро, треба да му биде добро на целото општество. Тој е општествено свесен, знае кои се неговите права во општеството, но исто така знае дека и тој има одговорност кон општеството. Кога граѓанинот треба да се соочи со тешка ситуација, тој се однесува цивилизирано - објаснува Осори, признавајќи дека и самата поголем дел од животот била политички идиот.

ajsa

- Поголем дел од животот како возрасна личност бев идиот. Мислев дека моето образование, привилегиите, добрата работа, грижата за себе, семејството и за луѓето што ги сакам се доволни за да ме имунизираат од дисфункционалното општество и непостоењето на владата. Но, сфатив дека мојот успех секогаш ќе биде ограничен со фактот дека живеам во Нигерија, дека се идентификувам како Нигеријка, така што прилично доцна сфатив дека не можам да бидам подобра од општеството затоа што состојбата во нашето општество е таква што сите ние сме само на чекор од несреќа, а тоа не е живот.

По една година откако првпат гласала, Осори си отишла од приватниот сектор каде што работела, ја напуштила добро платената работа за да се вклучи во работата на невладиниот сектор.

- Заработував многу помалку, но со поголемо задоволство, поминував многу време со политичарите, пратениците и три години по првото гласање, одлучив да се кандидирам за претставничкиот дом - вели таа.

Она што го научила од ова искуство е дека недоволен број граѓани учествуваат во политиката.
- Во нашата политика доминираат идиоти и припадници на племиња и процесот е дизајниран за идиотите и припадниците на племињата. Така што, не е доволно да се биде граѓанин кој ги знае своите права и обврски, потребно е да се додаде уште една работа, а тоа е граѓанин кој е политички свесен и политички активен - вели таа.

- Ние сме нација на идиоти и припадници на племе, и тоа мораме да го прифатиме. Имаме малку граѓани во однос на вкупниот број жители. Регрутираме политички, технички и административен персонал меѓу идиотите и припадниците на племето. Потребни ни се повеќе граѓани - вели Осори.

- Граѓаните треба да се здружат, да разговараат и да креираат визија за општество какво што сакаат, не е доволно да кажеме дека сакаме подобро општество, туку треба да кажеме како ќе стигнеме до тоа општество. Ако не обоиме реалистична слика за иднина каква што сакаме, нема да можеме да го видиме патот што ќе нѐ извлече од оваа ситуација. Граѓаните мора поинаку да се организираат. Мора да научат да се препознаваат меѓусебно, да се здружат. Не велам дека треба да се игнорираат идиотите и припадниците на племиња, треба да се продолжи да се работи со нив, можеби и тие еднаш ќе го сфатат она што го сфатив јас.

Причината поради која поминав голем дел од мојот живот како идиот е затоа што не сум воспитана да сфатам дека имам улога во јавниот живот. Постојано слушам дека пристојните луѓе не влегуваат во политиката. Кога бев студентка, не се интересирав за студентски сојузи, но мораме да се интересираме за овие работи, мораме да бидеме вклучени, не можеме да им го препуштиме тоа на другите луѓе. На некој начин, себично е да не се биде во одборот, да не се биде член на партија, да не се биде делегат и да им се препушти одговорноста на луѓето што не знаат подобро.

Ајша Осори е адвокатка, писателка, новинарка и политичарка; автор е на книгата „Љубовта не донесува изборна победа“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот