X
 22.04.2021 Образование

Ставови на читателите за е-учебниците: Може да бидат дополнителни наставни материјали, но не основни

Најавата за воведување електронски учебници ја разбранува целата јавност. Како што веќе објавивме, Митко Чешларов, раководител за наставни програми во Бирото за развој на образованието (БРО), објасни дека материјалите за учење од прво до трето одделение од септември учениците ќе ги добијат во печатена форма, а учениците од четврто до деветто одделение ќе имаат на располагање материјали за учење во електронска форма. Доколку наставникот процени дека одредени вежби, задачи и тестови од материјалите за учење се потребни во печатена форма за реализација на наставен час, ќе може да ги отпечати. Како и досега, тие трошоци треба да ги планира и покрие училиштето.

Сето тоа, судејќи по коментарите на нашите читатели, не им се допадна на луѓето. Откако ги прашавме кое е нивното мислење за воведувањето е-учебници, беа упатени голем број критики и читателите веќе почнаа да пишуваат носталгично за книгата.

- Од век и веков книгата била бесценета, култури се поробувале со книга, библиотеки се граделе, по храмовите, тие биле најсвети места, сега ние најпаметни ќе се правиме - напиша една наша читателка.

- Сите родители се залагаме да ја развиеме љубовта кон книгата, естетиката, библиотеките, книжарниците... Да се држи книга в раце е најбитна работа. Учебникот може да се носи и кај другарчето, па да има заедничко учење, тимска работа и социјализација. Може да се носи и на излет, на одмор. Сите се бориме против сајбер-деца. На ова општество му требаат емотивно нормални деца со изградени вистински вредности - додаде друга читателка.

Некои читатели, пак, посочија дека печатените материјали не се привлечни за децата.

- Ако од најмала возраст не се стекне навика за книга, тогаш сметам дека нема никогаш. А печатен материјал по дома, за дете, сметам дека е целосно непривлечен - стои во еден коментар.

Најголема грижа за нашите читатели се последиците што ќе ги имаат децата поради предолгото седење пред екран.

- Искривеност, диоптрија, затворени дома како експериментални заморчиња, фрустрации и психо-физички последици.... Има уште многу што да се набројува... До каде ќе оди сето ова? Да се вратат децата во училиште со книги в рака - порача еден читател.

Друг, пак, запраша: Каде се изгубија сите оние кампањи за враќање на книгата во рацете на децата и кај сите, после прекумерно користење на електронските уреди? Или тоа веќе не важи?

Исто така, не изостанаа коментарите и за тоа колку ќе можат сите деца да имаат пристап до електронските учебници, но и дека наставниците „повеќе ќе фотокопираат отколку што ќе воспитуваат“.

Читателите нагласуваат дека е-учебниците треба да бидат само помошен материјал за учење.

- Е-учебници може, но само како ДОПОЛНИТЕЛНА алатка за учениците! Печатените учебници се неопходни за учениците и се вистинската алатка за правилен развој и образование на децата! Сè друго е смешен и неуспешен проект, само на штета на учениците - напиша една наша читателка.

-Е-учебниците може да постојат како дополнителни помошни наставни материјали, а не како основни. Не е исто книга и компјутер - додаде друга.

Сепак, во лавината критики имаше и некои кои даваат согласност за промените.

- Доаѓаат нови времиња кои бараат и промени, сите имаме отпор кон промените, т.е. кон новото и за нас недоволно познато, ама колку побргу го прифатиме, толку подобро за сите. Откако ќе се случат промените, гледаме и сфаќаме дека сме отишле чекор напред, а поинтелигентните и повеќе чекори напред. Тоа не е само закон на општеството, туку и на природата - коментираше една наша читателка.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование