Камера со големина на пилула која се управува со далечински управувач може да го замени класичниот ендоскоп и да им овозможи на лекарите полесно да вршат процедури кај пациентите со стомачни проблеми.
Ендоскопите - сонди со камера - постојат долго време, но нивните опции се ограничени бидејќи лекарите не можат лесно да ги контролираат. Тие ги користат гравитацијата и човечкиот дигестивен систем, што го отежнува движењето на сондата и често е непријатно или болно за пациентите.
Сега тоа би можело да се смени бидејќи научници од американската школа за медицина при Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ развиле минијатурна видеокапсула која може да се управува со далечински управувач. Технологијата им овозможува на лекарите „да возат“ низ човековиот дигестивен тракт и така да ги забележат и да ги фотографираат проблематичните делови.
Пилулата е дизајнирана да работи и при крвавење или воспаленија. Освен тоа, таа може да пренесува видеозаписи и фотографии од директната локација на која се наоѓа. Главниот недостаток на оваа камера е што засега не може да врши биопсија како и класичниот ендоскоп.
Оваа технологија е во фаза на тестирање, но досегашните резултати се ветувачки. Научниците ја тестирале камерата на 40 луѓе и покажале дека таа може прецизно да биде контролирана. Во тестирањето научниците успешно визуализирале 95 отсто од сите главни делови на желудникот на пациентите.
Извор:
Benchmark
Насловна фотографија:
George Washington University