X
 09.06.2024 Наука

Зависноста од интернет ја менува хемијата во мозокот кај младите луѓе

Студијата, објавена во списанието „ПЛОС ментал хелт“, ги зема предвид претходните истражувања што користеле магнетна резонанса за да испитаат како мозочните региони комуницираат кај луѓето со зависност од интернет. Тие откриле дека ефектите се забележани во повеќе невронски мрежи во мозокот на младите луѓе и дека има зголемена активност на делови од мозокот и кога учесниците се одмарале.

Истовремено, имало севкупно намалување на функционалната поврзаност во деловите на мозокот вклучени во активното размислување, односно извршната контролна мрежа на мозокот која е одговорна за меморија и носење одлуки.

Истражувањето покажало дека овие промени довеле до зависни однесувања и тенденции кај адолесцентите, како и промени во однесувањето поврзани со менталното здравје, развојот, интелектуалните способности и физичката координација. Истражувачите прегледале 12 претходни студии во кои биле вклучени 237 млади на возраст од 10 до 19 години со формална дијагноза на зависност од интернет, помеѓу 2013 и 2023 година.

Речиси половина од британските тинејџери изјавиле дека се чувствуваат зависни од социјалните мрежи, според овогодишното истражување. Макс Чанг, водечки автор на студијата, истакнал:

- Адолесценцијата е клучна развојна фаза во која луѓето поминуваат низ значителни промени во нивната биологија, когниција и личност. Како резултат на тоа, во ова време мозокот е особено чувствителен на потребите поврзани со зависноста од интернет, како што се компулсивното користење на интернет, нагонот за користење глувче или тастатура и консумирање информации од медиумите. Резултатите од нашата студија покажуваат дека тоа може да доведе до потенцијално негативни промени во однесувањето и развојот, кои би можеле да влијаат врз животот на адолесцентите. На пример, тие може да се борат да одржуваат врски и социјални активности, да лажат за нивните онлајн активности и да имаат нередовно јадење и нарушен сон - нагласил Чанг.

Тој се надева дека резултатите покажуваат како зависноста од интернет ја менува врската помеѓу мозочните мрежи во адолесценцијата, што потоа би можело да овозможи ефикасен третман на раните знаци на зависност од интернет.

- Лекарите потенцијално би можеле да препишат третман кој таргетира одредени региони на мозокот или да предложат психотерапија или семејна терапија насочена кон клучните симптоми на зависност од интернет. Важно е дека едукацијата на родителите за зависноста од интернет е уште еден можен начин на превенција, од гледна точка на јавното здравје. Родителите кои се свесни за раните знаци и почетокот на зависноста од интернет, поефикасно ќе се справат со времето поминато пред екранот од страна на детето, со импулсивноста, а и ќе ги минимизираат ризик-факторите за зависноста од интернет - рекол тој.

- Нема сомнеж дека интернетот има одредени предности. Меѓутоа, кога ќе почне да влијае врз нашиот секојдневен живот, тоа е проблем. Ги советуваме младите да имплементираат разумни временски ограничувања за нивното секојдневно користење на интернет и да се погрижат да бидат свесни за психолошките и социјалните импликации од трошењето премногу време на интернет - вели Ајрин Ли, постар автор на истражувачкиот труд.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука