Околу 300 милиони луѓе во светот страдаат од депресија, а таа бројка постојано се зголемува. Научниците од Универзитетот „Мериленд скул оф медисин“ успеале да го идентификуваат генот што може да предизвика депресија.
Тие утврдиле дека тој ген може да предизвика депресија кај глувци, но со едноставно менување на нивото на генот, кај глувците се намалило нивото на депресија, па затоа истражувањето било проширено и врз депресивни луѓе што извршиле самоубиство.
Се установило дека во мозокот кај самоубијците имало пониско ниво на одреден ген во центарот за задоволство, што е наречен nucleus accumbens. Оваа студија е продолжение на поранешно истражување кое ја докажало поврзаноста меѓу овој ген и депресијата во хипокампусот, регија во мозокот која ги контролира емоциите и меморијата, и претставува главен фокус при проучувањата на депресијата. Мери Кеј Лобо, асистент-професор во Одделот за анатомија и невробиологија при Универзитетот во Мериленд и водач на студијата, тврди дека нејзините сознанија укажуваат дека фокусот на истражувањата треба да се прошири на сите мозочни регии што придонесуваат за појава на депресија.
„Во мозокот постојат многу регии што се погодени од депресија“, изјави доктор Лобо за „
Мејл онлајн“. „Студијата покажува дека секоја регија треба различно да се набљудува. Мозокот не можеме да го третираме како целосен орган бидејќи е хетероген“, објаснува таа. „Ние мораме да влеземе во чувствителните неврони и да најдеме начин како да ги лекуваме. Се надеваме дека оваа студија ќе ни помогне да откриеме фармаколошки агенси што би можеле да влијаат врз нивоата на генот што ја предизвикува депресијата“, вели доктор Лобо.
Студијата се фокусирала на генот
Sic6a15. Професорката Лобо го забележала овој ген уште во 2006 година, потенцирајќи дека почесто се јавува кај одредени неврони во центарот за задоволство кои се ослободуваат при сексуален акт, консумација на алкохол или дрога и при јадење вкусна храна. По откривањето на овој ген, следните пет години таа го истражувала кај зависниците од дрога. Но во 2011 година германските истражувачи ја констатирале поврзаноста на истиот ген со депресијата, фокусирајќи се на хипокампусот.
Доктор Лобо во својата студија се концентрирала на истражување дали намалените нивоа на овој ген во центарот за задоволство можат да покренат депресивна состојба. За луѓе што страдаат од ова нарушување, задоволството е ретко и тешко се постигнува. Со хемиско подигање на нивото на генот, тие успеале да ја намалат депресијата кај глувците. Лобо истакнува дека се потребни дополнителни истражувања за прецизно да се анализира како генот дејствува при различни нивоа, со цел да се утврди начинот на кој треба да се развива лекувањето. Најважно од сè е дека оваа мозочна регија може да се третира со лекови.