X
 12.01.2018 Живот

Запознајте ја девојката чиј бизнис вреди милијарда долари

1
Фото: Canva

Кога 22-годишната Мелани Перкинс нервозно ја споделила идејата за започнување бизнис со познатиот технолошки инвеститор Бил Таи од Силиконската долина, не очекувала толку голем успех.

Пред средбата со него, Мелани прочитала дека ако сакаш да импресионираш некого, треба да го имитираш неговиот говор на телото - одлучила да ја стави теоријата на тест.

„Беше интересно. Тој седеше со рацете зад неговиот стол, јадејќи го ручекот. И јас бев со рацете зад мојот стол, вртејќи низ страниците од мојата идеја за графички дизајн на веб-страница, обидувајќи се да му ја ’продадам‘ мојата идеја“, вели таа.

Идејата на Мелани за „иднината на издавачка дејност“ е „Канва“, онлајн-платформа чија цел е да овозможи лесно дизајнирање на сè - од честитки до постери, веб-страници и календари. Меѓутоа, г. Таи не бил многу заинтересиран за нејзината бизнис-идеја.

„Мислам дека не му се допадна мојата идеја бидејќи постојано зборуваше на телефон“, вели таа.

2
Фото: Canva

Сепак, Таи бил доволно импресиониран за да ја претстави Мелани пред други инвеститори, инженери и програмери од Силиконската долина, за на крај и самиот да инвестира во „Канва“.

Денес, бизнисот на Мелани се проценува на 1 милијарда долари, откако го обезбеди најновото инвестирање оваа недела. Компанијата има 10 милиони корисници во 179 земји. Секоја секунда се прават по 10 дизајни на оваа веб-страница.

Мелани успеала да го создаде својот бизнис во 2006 година, кога имала само 19 години и била студентка на Факултетот за трговија и комуникации при Универзитетот во Западна Австралија. Но била многу нервозна бидејќи ѝ било потребно подолго време да научи како се користи мејнстрим-софтвер за дизајн.

„Потребен е цел семестар за да се научат основите. Дури и за наједноставните задачи е потребно подолго време“, вели таа.

„Сфатив дека дизајнот на иднината ќе биде онлајн и многу поедноставен“, додава таа. За таа цел, одлучила да ја тестира својата бизнис-идеја, па заедно со нејзиното момче Крис Обрехт ја основале веб-страницата „Фјужн Букс“, што на средните училишта им овозможила онлајн да ги дизајнираат своите алманаси.

Во текот на наредните неколку години „Фјужн“ прераснала во најголемиот издавач на алманаси во Австралија, проширувајќи се во Франција и во Нов Зеланд. Бизнисот станал толку успешен, што Мелани одлучила да го напушти универзитетот за целосно да се фокусира на него.

Знаејќи дека „Фјужн“ може многу повеќе, во 2010 година Мелани заминала во Калифорнија за да им ја претстави својата идеја за „Канва“ на потенцијални инвеститори, вклучувајќи го состанокот со Таи. Таа вели дека Силиконската долина за неа бил културен шок поради огромната разлика меѓу австралиските и американските ставови за самопромоција.

3
Фото: Canva

Можеби поради овој културен судир на Мелани ѝ биле потребни три години за инвестиции од Силиконската долина, за во 2013 година да биде лансиран „Канва“, поддржан од 3 милиони долари. На Мелан и на нејзиното момче како друг коосновач им се приклучи поранешниот извршен директор на „Гугл“, Камерон Адамс. Наредните инвестиции изнесувале 82 милиони долари. Иако основната услуга на веб-страницата е бесплатна за користење, таа заработува со наплата на претплата што овозможува пристап до понапредни алатки.

Денес, повеќе од 200 луѓе работат во „Канва“, чие седиште е во Сиднеј и во Манила, а има канцеларија и во Сан Франциско - вредноста на компанијата е проценета на 1 милијарда долари. Мелани е главниот извршен директор, а Крис е главен оперативен директор.

Според Мелани, најголеми фактори за растењето на „Канва“ се позитивниот збор и нејзините големи амбиции компанијата да продолжи да се шири.

Нашата цел е да му овозможиме на цел свет да дизајнира“, вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот