X
 17.06.2022 Наша тема

Од подготовка до сместување и работа – компанија во Битола им помага на Македонците да се преселат во Германија

Единствената лиценцирана компанија на Балканот за посредување за работа во Германија отвори советодавна канцеларија во Битола, а одговорното лице Никола Монавчев им помага на нашите што одлучиле да се преселат, да го сторат тоа безбедно, без да наседнат на злоупотреби

Германија изгледа како ветена земја за многу млади од Македонија, особено за медицинските кадари поради повисоки примања и кариерно усовршување, но сепак преселувањето и интеграцијата во тамошното општество не се лесни, потребни се подготовка и поддршка. Каде да се најде работа, кои документи да се подготват, како да се добие виза, каде да се престојува, а да нема злоупотреби? Ова се само дел од прашањата што ги мачат лицата што се преселуваат. За да им го олесни ваквиот процес на сонародниците, младиот битолчанец Никола Монавчев повеќе од седум месеци е одговорно лице за Македонија на компанијата „Висперо ГМБХ“ од Бон, Германија, која отвори своја канцеларија во Битола. Таа е единствена лиценцирана компанија на Балканот која ги апсолвира сите комплетни процеси за преселување и вклопување во тамошното општество на квалификувана работна сила, пред сѐ, на медицински кадар. Канцеларијата е од советодавен карактер.

Монавчев, кој е сопственик на Центарот на германски јазик ,,Илиеви“ Битола, вели дека имал понуди за работа од повеќе агенции кои условно се занимаваат со оваа дејност, а всушност парите им биле на прво место, па доколку клиентите го раскинеле договорот, плаќале големи пенали. Ја прифатил понудата на оваа компанија зашто работи врз хумани принципи. Им објаснуваат на сите аспиранти дека треба да бидат „слободни“ сами да одлучуваат и да не бидат под притисок да прифатат работа која не им се допаѓа. Им помагаат на нашите во наоѓање работа, хоспитација, подготовка на документи за виза, нострификација, сместување, пријавување и отворање банкарска сметка, спојување со семејството, барање градинка или училиште за децата, учење германски јазик и слично.


Никола Монавчев

Хоспитации за медицинарите да се запознаат со работното место пред да се доселат

- Без претходна подготовка и добра информираност, животот може да биде пекол. Кога се гледа по секоја цена само да се замине, резултатите се и ќе бидат поразителни. Најголемиот проблем е што луѓето не се доволно информирани или се преинформирани. Премногу површни и некомплетни информации, па настанува конфузија и тие не знаат кому да веруваат. За тоа придонесуваат и социјалните мрежи. Во тоа брзање луѓето не можат да ја разликуваат вистинската информација од чистиот маркетинг. Од тие причини, честопати кога ќе дојдат во Германија, а по извесен период сфаќаат каква погрешна претстава имале за животот таму. Да, и во Германија не е лесно бидејќи за сѐ се потребни време и трпение - вели Монавчев.

Мица Шопова е медицинска сестра која работи на Одделението за онкологија и палијативна нега во болницата Petrus Krankenhaus во Вупертал, Германија. Се преселила поттикната од желбата да напредува во професијата, а во болницата има редовни обуки, едукации, доусовршувања... Ги организира болницата и ги покрива сите трошоци.

- Првиот тим на „Висперо“ се ангажира за подготовка на документи, изучување на германски јазик, термини за разговори со болниците, амбасада, документи до Министерството за здравство во Германија и организација на хоспитации. Вториот тим го организираше мојот прием од првиот ден во Германија, почнувајќи од пристигнувањето на аеродром. Добив опремен стан со основни работи, а другиот ден веќе беа организирани термини за сите мои документи. Буквално за два дена ги имав почетните документи: престој, здравство, социјален и ИД-број, банкарска сметка и договорот за работа - вели Шопова.

Екипата е со Македонците сѐ додека не кажат „сами можеме понатаму“, но и тогаш остануваат отворени за соработка. Дел од тимот, покрај Монавчев, се и Марко Зеленовиќ, директор за Балканот, и Никола Петровиќ, генерален директор и сопственик на компанијата во Бон.
Андријана Кажановска е медицинска сестра од Битола која за некој месец ќе замине на работа во Германија. Компанијата веќе ѝ организира хоспитација во болницата каде што ќе работи, па имаше можност да се запознае со градот, установата, колегите и работа таму...


Марко Зеленовиќ, директор за Балканот
- Животот во странство е навистина предизвикувачко искуство, ќе мора да се приспособам на сосема нов начин на живот, а тоа бара флексибилност и решителност од мене и од семејството. Нема да е лесно на почетокот, но сигурна сум дека ќе биде одлична животна лекција. Поддршката од добра агенција е од исклучително значење, пред сѐ, мора да имате доверба во оној на кој му ја доверувате вашата иднина. Да се погрижат буквално за сѐ: административни работи, интервју со работодавци на најдобрите локации во Германија, помош за пронаоѓање и опремување стан, обуки за интеграција пред и по заминување во Германија - раскажува Кажановска.

Прво работа во државно здравство, па во приватно


Иселувањето е горка тема за Македонија, многу жители си заминаа, а не е ни мал процентот на млади што сакаат да ја напуштат државата. Тој тренд во наредните години нема да запре бидејќи пред неколку години се донесе Закон за вселување во Германија (FEG). Со него таа стана единствената европска земја што ги отвори вратите за работна сила од целиот свет. Германската Влада посочи дека се потребни од 500.000 до 1.000.000 работници за да функционира социјалниот систем и воопшто германската економија. Но, при изборот на работа треба да се внимава, не е исто дали медицинарите работат во државни или во приватни болници.

- Соработуваме со одбрани клиенти. Пред сѐ, државни клиники кои имаат колективни договори, па гарантираат еднаков третман на сите вработени без разлика на верска или национална основа, третман каков што имаат и колегите Германци. Работното време е 38,5 часа неделно, земаат 13-та плата, имаат загарантиран годишен одмор според стажот, на три години ги следува покачување на платата во зависност од стапката на инфлација. Дефинитивно работата во државна фирма е подобра за првите пет години. Кога ќе застанат „на здрави нозе“ и ќе бидат јазично добро потковани и со работно искуство, може да се обидат и во приватниот сектор, каде што платите се за нијанса повисоки - додава Монавчев.


Никола Петровиќ, генерален директор и сопственик на компанијата во Бон

За шест месеци спојување со семејството

Медицинскиот кадар во Германија е многу баран. Потребни им се до 500.000 медицинари. За земја од 84 милиони жители и околу 6 милиони што флуктуираат, тоа не е голема бројка. Спојувањето со семејство е нешто што многу луѓе сакаат да го направат што поскоро бидејќи тоа им дава стабилност и внатрешен мир.

- Процесот за спојување со семејство трае околу шест месеци. Треба да се обезбедат сите потребни услови што произлегуваат од барања на покраината. Од потребна квадратура за стан до платата, која мора да биде доволна за издржување семејство. Тие работи ги проверуваат германските служби по поднесувањето на барањето за спојување на семејството. Сопружникот кој доаѓа може да бара работа - додава Никола.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема