X
 09.08.2019 Образование

Грчките студенти најавуваат нови протести од септември против укинувањето на студентскиот имунитет

Продолжуваме динамично од септември да се бориме против одлуките на владата, велат студентите што вчера се собраа на протест во центарот на Атина за да го изразат нивното незадоволство од законот за укинување на студентскиот имунитет, собир одржан истовремено додека грчкиот парламент гласаше и ги изгласа измените.

Студентите со кои поразговара дописничката на МИА од Атина сметаат дека со новиот закон полицијата ќе може своеволно да влегува и да интервенира во универзитетите.

- Ако владата наметне присуство на полиција на универзитетите, контрола кој ќе влегува, кој нема да влегува и ако се обиде да го спречи студентското движење, ќе добие соодветен одговор - коментира студентот Василис.

Тој објаснува дека веќе постои мобилизација кај универзитетската заедница, студентите, вработените, па дури и дел од професорите кои им изразуваат поддршка на студентските движења што го организираа протестот.

- Владата презентира една лажна слика за универзитетите, дека наводно таму се прават криминални дела, има трговија со дрога и постојат сомнителни елементи, нешто што во голема мера е лага бидејќи на универзитетите не постои криминал како што има на други места - вели студентка Андонија и додава дека не треба да се заборави дека падот на хунтата во Грција започна по студентскиот бунт.

Вчерашниот протест, за разлика од оној пред 15 дена, кога владата го најави законот, беше со многу помала масовност, но студентите коментираат дека причината е тоа што е период на летни одмори.

Во грчкиот парламент вчера поминаа измените во законот со кои се укинува студентскиот имунитет. Владејачката Нова демократија и десноориентираната партија Грчко решение беа „за“, Движењето за промена гласаше „присутно“, Комунистичката партија против, а СИРИЗА и МЕРА25 не присуствуваа на гласањето, бидејќи претходно ја напуштија седницата во знак на протест против поднесените амандмани од министерот за труд.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас во интервју за грчката телевизија „Алфа“ истакна дека со изгласаното „се враќа имунитетот на идеи и слободно изразување“, објасни дека со промените во законот, полицијата ќе може да интервенира доколку некој што се гони за прекршок извршен надвор од универзитетот и се скрие во просториите на самиот универзитет и додаде дека не станува збор за патроли или строг полициски режим на факултетите.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование