Студентите на универзитетите во Грција протестираат против донесувањето нов закон за образованието, за кој велат дека ќе им го ограничи правото на изразување на факултетите. Конзервативната влада на политичката партија „Нова демократија“ сака да создаде услови за апсење и судење на оние што се сметаат за „немирни“.
Според новите предлози, на универзитетите би имало специјална полиција чии припадници не би носеле оружје, но би можеле да повикаат засилување. Владата сака да воведе и дисциплински комисии кои ќе имаат моќ да суспендираат или да бркаат студенти. Згора на тоа, студентите би можеле да бидат испрашувани за поставување постери или банери, како и за „создавање бучава“.
- Се плашиме од дисциплинските мерки во законот кои дозволуваат казнување на кампусот, а сите форми на политичко изразување се интерпретираат како прекршоци - вели Хара Мантадаки, студент на политички студии на Универзитетот „Пантејон“.
Таа зборувала за „Ал Џезира“ во текот на протестот против мерките што се одржа во четврток. Стотици студенти протестираа во Атина против законот за кој треба да се дискутира во парламентот наредната недела.
Многу од мерките што ги предлага владата, како камери за безбедност, подобро осветлување, нови порти со читачи на картички и чувари на кампусите, се прифатени од академската заедница. Меѓутоа, студентите се против присуството на полицијата на кампусите, додека владата инсистира на тоа. Минатата година имало неколку случаи на кражби и насилство на грчките кампуси, меѓу кои и напади на ректори и вработени на факултетите.
Аверзијата на студентите кон полициското присуство на кампусите се поврзува со инцидент од 1973 год. кога државата ги искористила војската и полицијата за да разбие студентски протест на Политехничкиот универзитет во Атина. Никој не бил повреден на кампусот, но таа ноќ и следните денови во операцијата биле убиени над 35 луѓе. Подоцна бил донесен закон со кој се забранил влез на полицијата на кампусите.
Автор: Џон Псаропулос
Извор:
aljazeera.com
Фото: Screenshot/Youtube