Творците на играта „Роблокс“ објавија податок дека ја пробиле границата од 100 милиони активни играчи месечно. Со тоа, според достапните податоци, „Роблокс“ ги претрка популарните игри „Фортнајт“ и „Мајнкрафт“, а сепак за оваа игра воопшто не се зборува.
„Фортнајт“ во август минатата година имала 78,3 милиони активни играчи месечно, што „Епик гејмс“ го претстави како рекорд. Пред неколку месеци од „Мајкрософт“ стигна потврда дека популарноста на „Мајнкрафт“ повторно расте и дека месечно оваа игра активно ја играат 91 милион играчи. Меѓутоа, „Роблокс“, според статистиките, ги надминува двете игри.
Станува збор за комбинација од ММО и сендбокс-игра од 2006 година која, по излегувањето, „Роблокс корпорејшн“ продолжи да ја развива и унапредува. Така, играчите можат да создаваат сопствени светови, но и цели игри до кои се пристапува од официјалната интернет-страница. Оние што ќе успеат да направат популарни игри, можат и да заработуваат од нив бидејќи секој креатор добива процент од парите што играчите ги трошат за нивните игри.
Уште во 2015 година, нешто повеќе од една година откако беше воведена таа можност, медиумите пишуваа за тогаш 17-годишниот Лаимонас Милеска, попознат како Лолерис, кој во тој период веќе имаше заработено над 100.000 долари преку „Роблокс“. Секако, заработуваат главно најдобрите и најпопуларните. Така, креаторите досега во „Роблокс“ направиле повеќе од 50 милиони различни игри и светови, наведуваат создавачите на играта.
Сепак, сите податоци за бројот на активните играчи ги добиваме директно од компанијата во чие сопствеништво е играта, па треба да бидеме и скептични. На пример, „Фортнајт“ има 250 милиони регистрирани играчи, но тоа не ни открива колку луѓе активно ја играат играта на месечно ниво. Она што го прават компаниите е објавување податоци кога им одговара. „Бизард“ и „Рајот гејмс“ редовно го објавуваа бројот на активни играчи на месечно ниво додека бројките растеа, а кога почнаа да опаѓаат, веќе немаше
објави.
Како и да е, станува збор за една од најпопуларните игри на денешницата, иако можеби не сте слушнале за неа.