X
 09.10.2024 Технологија

Дизајнот на прво место? Најскапиот „ајфон 17“ следната година ќе има неколку промени

Се шпекулира дека „Епл“ следната година ќе лансира целосно нов „ајфон 17 ер“ со ултратенок дизајн и цена до 1.299 долари, што ја надминува цената од 1.199 долари за „ајфон 17 про макс“. Сепак, високата цена не мора да значи и високи спецификации. Овој пат телефонот ќе му даде приоритет на дизајнот. Постојат 5 главни компромиси во однос на техничките спецификации што љубителите на телефоните на „Епл“ би морале да ги прифатат откако ќе го купат моделот „ајфон 17 ер“.

Само еден објектив

Серијата „про“ од високата класа на „Епл“ имаше двојни леќи во последниве години, а основниот „ајфон 16“ исто така има најмалку две камери. Сепак, се шпекулира дека новиот модел користи само една главна камера за да постигне тенок и лесен дизајн и ќе ги изостави ултрашироките и телефото-камерите, што значително го ограничува опсегот на корисникот при фотографирањето.

Перформанси на „ајфон 17 ер“


Иако цената би можела да ја надмине цената на серијата „про“, има извештаи дека „Епл“ планира да го користи чипот A19 за „ајфон 17“ и ќе го резервира подобриот „A19 про“ за „ајфон 17 про“ и „ајфон 17 про макс“.

Траење на батеријата

Поради потенкиот дизајн, на „Епл“ ќе му биде тешко да инсталира батерија со поголем капацитет, што ќе го намали времето на користење на моделот „ајфон 17 ер“. Во споредба со серијата „ајфон 17 про“, разликата во траењето на батеријата може да биде многу забележлива.

Капацитет на РАМ-меморија


Со оглед на тоа дека спецификациите не се приоритет, се очекува новиот модел да биде опремен со 8 гигабајти РАМ, исто како и основниот „ајфон 17“. Има извештаи дека „ајфон 17 про“ и „ајфон 17 про макс“ ќе имаат опција за зголемување на РАМ-меморијата до 12 гигабајти, што може да влијае врз одредени функции.

Алуминиумско куќиште


„Епл“ ги замени куќиштата од серијата „про“ со посилен титаниум во последниве години. Сепак, поскапиот „ајфон 17 ер“ може да го задржи истото алуминиумско тело како „ајфон 16“, што може да го намали чувството на луксуз што е присутно кај моделите од високата класа.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија