Пале Јанева, која е петта година, и Бојана Станковска, која е втора година на студии, веќе подолго време се пријателки, а од годинава и цимерки
Пале Јанева и Бојана Станковска, студентки на Архитектонскиот факултет во Скопје, добија прва награда за најдобар дизајн на облик на рамка за прозорец на конкурсот кој факултетот го организира со германската компанија за производство на прозорци и прозорски профили „Века“.
Инспирацијата ја добиле од филмот „Медена земја“. Враќајќи се од кино кога го гледале филмот, се сетиле дека има активен конкурс на факултетот, па решиле да направат дизајн на рамка за прозорец инспириран од филмот.
Бојана Станковска и Пале Јанева
Фото: Борче Поповски
- Бевме, всушност, инспирирани од пчелиното саќе, ќелијата во која пчелите престојуваат. Ние не направивме само прозорец, туку внесовме и дополнителна содржина, рамката содржи и место каде што може да седнете и да се одморите и релаксирате - вели Бојана.
Пале објаснува дека во филмот видела многу јасни кадри за начинот на кој се одгледуваат пчелите.
- Таа форма на правилен шестаголник што го има во пчелиното саќе нѐ инспирира. Голем дел од времето пчелите го поминуваат во тој шестаголник, веројатно им е удобно. Ако тие сакаат да поминуваат време во таков простор, сигурно и нам би ни било удобно. Задоволни сме од тоа како испадна - вели Пале.
Дизајнот на прозорец на Пале и Бојана
Она што е уникатно кај овој прозорски елемент е што отпечатокот на многуаголникот се мултиплицира на ѕидната површина, пробиена од неговите извлечени волумени кои од надворешна страна симулираат поединечни пчелични ќелии. Новосоздадениот простор околу прозорците добива функција на интимна зона за одмор. Прозорските крила можат да бидат фиксни или да се отвораат според некоја од наведените опции.
Во жирито имало неколку професори од нивниот факултет, како и претставници на компанијата. Тие ја добиле првата награда.
- Услов беше да се дизајнира со профилите на „Века“ за да може потоа проектот да го употребат во производство. Но, секако, мораше да биде необичен дизајн, нешто ново и невидено. Навистина се надеваме дека еден ден ќе си го видиме нашиот прозорец некаде. Би си го направила за дома, веднаш - вели Пале.
Пале Јанева
Бојана Станковска
Фото: Борче Поповски
Цел ден сме на факултет, убаво ни е
Пале, која е петта година, и Бојана, која е втора година на студии, веќе подолго време се пријателки, а од годинава и цимерки. Извесен период Пале ѝ била демонстратор по еден предмет на Бојана.
Таа и сега е демонстратор на факултетот, по предметот Архитектонски конструкции 3. Нема планови за иднината во врска со останување на факултетот како иден асистент, но ѝ годи интеракцијата со студентите и не ја исклучува оваа можност.
Бојана вели дека најубав дел од студирањето е што цел ден го поминува на факултет.
Фото: Борче Поповски
- Таква ни е наставата, имаме многу ангажмани на факултет, но цело време сме заедно сите студенти, учиме едни од други. Во мали групи сме, па професорите добро нè познаваат. Ова навистина ме исполнува, па не ми пречи што по цел ден сме на факултетот - вели Бојана.
Пале одбрала да го учи ова бидејќи сака да биде запаметена по нешто.
- Сакам да оставам нешто што ќе живее и после мене, некое дело. Се надевам дека ќе имам шанса да работам на некој важен општествен објект. Тоа ми е предизвик за работа, таму се гледам себеси.
Фото: Мила Гавриловска
Наградата за дизајнот студентките ја добија на ИАС15 – Изложба на архитектонските студија, зимски семестар 2019-2020, која се одржа на Архитектонскиот факултет.