Метеж на улиците, илјадници луѓе кои брзаат на работа, од работа, на состаноци... Околу нив нема ниту една канта за ѓубре, а сепак нема ни најмал отпад на земја.
Како е тоа можно? Станува збор за Јапонија, земја каде што класичните јавни канти за отпад практично не постојат, а сепак е една од најчистите земји во светот и на улиците не се гледа фрлен отпад.
Зошто нема канти за отпад на улиците во Јапонија? Одговорот се поврзува со еден настан од минатото, но и со чувството на лична одговорност што владее во оваа земја.
Хартијата од ужината ја носат в џеб до дома
Ако жител на Токио на улица испие кафе за носење, ќе ја истутка чашата и ќе ја носи во чанта или в џеб.
И хартијата од ужината ја сметаат за своја одговорност и ќе ја фрлат кога ќе стигнат дома или на работа. Иако немаат можност на секои неколку чекори да фрлат отпад како што тоа го правиме ние, тие не го оставаат на улиците, во парковите и на јавните површини.
Интересно е што многу туристи, иако не сите, често ја прифаќаат оваа навика, иако во своите држави се однесуваат сосема поинаку. Во едно истражување на јапонската туристичка организација, посетителите го истакнале тоа што нема каде да фрлат отпад како еден од најпредизвикувачките делови на патувањето. Проблем со отпадот кој туристите го оставаат постои на некои места, како гратчиња и паркот Нара, каде што живеат повеќе од 1.400 елени.
Сè започнало во 1995 година
Сè започнало во 90-тите години. Дотогаш во Јапонија, како и насекаде, имало канти на јавни места. Но, по терористичкиот напад во Токио во 1995 година, кога експлозивна направа била оставена токму во канта за ѓубре, властите од претпазливост ги отстраниле повеќето јавни канти, особено оние на железничките станици и на фреквентни места.
Јапонците ја прифатиле оваа мерка и со текот на времето таа станала нова општествена норма. Бидејќи животот без јавни канти добро функционирал, кантите никогаш не биле вратени на улиците. Жителите на Јапонија едноставно прифатиле дека нивниот отпад е нивна одговорност.
Лична одговорност во Јапонија
Причината зошто успеал овој „експеримент“ делумно лежи во јапонската култура, која силно нагласува лична одговорност и грижа за заедничкиот простор. Ако купат пијалак во продавница, амбалажата ќе ја фрлат во контејнер за рециклирање на влезот или ќе ја однесат дома и ќе ја фрлат во кантата.
Отпадот кој го создаваат, веруваат Јапонците, е нивна одговорност докрај.
Напреден систем на рециклирање
Додека на нашите простори многумина сè уште се мачат со контејнерите за пластика и хартија и сметаат дека е работа на некој друг да собира отпад за нив, во Јапонија системот на одделување на отпадот е исклучително детален и функционален.
Некои градови овозможуваат одделување дури на десет различни категории отпад, од пластична амбалажа, хартија и алуминиум до стакло во различни бои. Жителите точно знаат кога се изнесува кој отпад, бидејќи распоредот варира од соседство до соседство. Постојат казни за непочитување на правилата, но повеќето луѓе повеќе се плашат од осуда од соседите и од општеството.
Редот, дисциплината и почитувањето на заедничкиот простор се длабоко вкоренети во јапонското општество. Сите сме виделе снимки по спортски натпревари кога јапонските навивачи сами ги чистат трибините пред да си заминат. Чистотата и нејзиното одржување не ги сметаат за работа на некој друг, туку како заедничка задача на целото општество.
И не им се потребни институции што ќе им наметнуваат правила, тие го собираат отпадот и се грижат околината во која живеат да биде чиста и пријатна.
Извор:
Rtcg.me
Фото: Pixabay