Примерот на шпанскиот крајбрежен град Естепона треба да го следат многумина бидејќи плажите во него се совршено чисти.
Ако во овој град донесете чаша полна со догорчиња на кој било шанк на плажа, за возврат ќе добиете чаша пиво или некој освежителен пијалак.
Со оваа иницијатива градот настојува да ги одржува чисти своите песочни плажи. Кампањата „Брегови без догорчиња“ наиде на воодушевување од локалното население и туристите.
- Ве молам едно пиво - рече странскиот турист, подавајќи ја пластичната чаша полна со догорчиња.
- Секако, господине - му одговори младиот келнер и му подаде чаша со пиво.
Плажите се совршено место за читање, спортување, сончање и пливање. Но за многумина тие претставуваат и место за опуштање со цигара. Проблемот е што секое лето песокот и морето проголтуваат илјадници догорчиња на кои им се потребни десет години за да се разложат.
- Тие имаат токсични остатоци, па ако ги проголтаат рибите, на крајот ние ќе ги консумираме, јадејќи риба. Тоа е затворен круг што нема среќен крај - изјави Оскар Рули, претседател на Здружението на штандови на плажите околу Малага.
За да се прекине тој круг, потребно е да се подигне свеста на луѓето кои летуваат и да се охрабрат да ја зачуваат животната средина.
- Ми се допаѓа оваа идеја. Одлична е. Ќе имаме почиста
плажа - вели една мајка, држејќи за рака едно мало девојче додека набљудуваат како туристите собираат догорчиња во пластични чаши.
Фото: Freepik