X
 09.10.2025 Живот

Патопис: Битуше и Крчин - спој на историја, природа и авантура

Колку и да ја истражувате нашата земја, никогаш нема да биде доволно бидејќи таа е неисцрпен извор на природни пејзажи, историски приказни, легенди, митови, традиционални јадења итн.

За љубителите на авантуризмот и планинарењето, секогаш постојат инспиративни места кои не е доволно да ги посетите само еднаш.
Како вљубеник во она со што располага оваа мала и симпатична земја, би го издвоил еден од најимпресивните врвови во Западна Македонија - грандиозниот Голем Крчин.



Стартот за освојување на овој импресивен врв започнува од манастирот „Свети Кирил и Методиј“ над селото Битуше, магично место во срцето на Долна Река. Велат дека секое планинарење започнато од свето место носи посебна благодат и духовна сила. Манастирот „Св. Кирил и Методиј“ во селото Битуше е токму таков почеток, тоа е извор на мир, вера и надеж, тука под сенка во молитва и со благослов од Господ планинарите тргнуваат кон височините на планината не само за да се насладуваат на убавините на овој дел од Македонија, туку и да ја почувствуваат раскошната природа, но и вербата во Бога.



Веднаш откако ќе ја напуштите духовната тишина и ќе зачекорите низ густите букови шуми полни со пријатни мириси од планинскиот чај ајдучка трева, по непишано правило ви се придружува пријателски расположеното куче Медо, кој е вистински чувар и придружник на сите добронамерници што доаѓаат во селото Битуше со намера да ги освојуваат врвовите на Дешат и Крчин.



По неколку часа пешачење по добро обележана патека, дивите малинки и јаготки што растат покрај патеката ќе ве натераат да застанете и да ги вкусите во комбинација со ладната бистра вода.

По околу два часа пешачење, шумата се разредува, а патот преминува во карпест предел и тука е потребно поголемо внимание бидејќи некои делови се стрмни и бараат стабилен чекор. По напуштањето на високостеблестите шумски комплекси, патеката нѐ води до уште еден мал храм познат како „Св. Преображение“.



Според локалната легенда, на денот на празникот на храмот, 18 август, нешто огнено и црвено се спуштало од небесата кон ова свето место. Старите жители раскажувале дека истиот тој огнен сјај се движи кон храмот со истото име во селото Ербење, кое денес се наоѓа на територијата на Албанија. Таа приказна, која се пренесува од поколение на поколение, ја збогатува мистичната атмосфера на Крчин и ѝ дава духовна димензија на целата планина. Преображението е поврзано и со врвот Голем Крчин, каде што секоја година монасите, монахињите и верниците заедно со голем број планинарски друштва од Македонија се искачуваат во ноќните часови за да присуствуваат на светата литургија покрај остатоците од некогашниот храм. Таа богослужба, која се одвива високо меѓу облаците, многумина ја доживуваат како небесна, исполнета со светлина, радост и благослов. Патот продолжува по сртот кон селото, под самиот врв. 



Последниот дел од патеката е малку пострмен, но не е технички сложен.
На самите падини на Крчин, особено во лето, може да се забележат ретки растенија, меѓу кои и македонскиот каранфил (Dianthus macedonicus) – ендемски вид кој расте исклучиво тука.

Важно е да се напомене дека планината знае да биде непредвидлива. Се препорачува искачувањето на Крчин да биде со водичи или во организација на планинарски друштва, особено ако сте без искуство или не ја познавате доволно оваа планина.



Ако не сакате и да се качите до врвот, тогаш селото Битуше има многу содржини. Ова село крие многу живи обичаи кои се практикуваат со векови. Тука е и партизанската печатница „Гоце Делчев“ – првата илегална партизанска печатница во Македонија, активна за време на Втората светска војна. Интересно е да се посети селото за време на празниците Богојавление Водици и Илинден.

За време на овие празници во селото има многу туристи и посетители од околните места и од подалечните градови. Во Битуште се одржува ,,женски Водици“ и жените ја имаат главната улога. Водици во Битуше се слави 3 дена, се игра Јованово оро и сите жени во селото се облечени во уникатни традиционални носии. Ова е настан што може да се доживее изворно со сета магија. Обичаите поврзани со Водици од 2019 година се прогласени за културно наследство со исклучително значење.



Автор: Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот