X
 01.05.2022 Живот

Селото Брајчино - преспански убавец до Пелистер и Преспанското Езеро

Кога на едно место ќе се спојат историјата, убавата природа и традицијата, тогаш дел од мозаикот се вклопува и го добиваме името Брајчино. Брајчино е село кое гордо пулсира со години наназад и зборува за нашето постоење во минатото. Селото се наоѓа на надморска височина од 1.000 m во областа Долна Преспа. Брајчино претставува типично македонско автентично село, оддалечено само 6 km од Преспанското Езеро. До преспанскиот бисер Брајчино може да се пристигне преку градот Ресен, кој се наоѓа на 32 km оддалеченост.

Селото е богато со извори на пенлива вода, висока и зелена шума, планински врвови кои пленат со својата височина; еколошките јаболка, јаготките со посебен вкус, старите специјалитети и старата архитектура се само дел од личната карта на селото.
Брајчино изобилува со многу водни површини - помали реки, поточиња кои со своето жуборење создаваат смирувачка атмосфера и го создаваат неговиот карактеристичен релјеф.



Живописната Брајчинска Река гордо тече и претставува вистински украс, реката воодушевува со својот постојан водотек и кристално чистата вода. Брајчинската Река го опфаќа атарот на селото и го дели на два живописни дела, кои изобилуваат со богата флора и фауна, на горно маало од нејзината лева страна и долно мало од нејзиниот десен брег. Реката е дом за голем фонд фауна, но најпрепознатлив белег за реката е ендемичната проточната пастрмка позната како брајчинска пастрмка, која живее само во слатките води на оваа река.

Во пониските делови најзастапена е дабовата шума, додека во повисоките се среќава букова и елова шума. Во највисоките предели се среќаваат пасишта и ливади измешани со нискостеблести растенија, од кои најкарактеристична е смреката. Особено карактеристични за овие предели се камењарите кои наликуваат на реки од камења. Брајчино има најголем селски атар во областа Преспа, се простира на површина на околу 60 км/2 и зафаќа исклучително ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума и тревни пасишта.



Брајчино претставува вистинска воздушна бања, но и предизвик за голем број љубители на планинарењето, трагачи по возбуда, и има специфични, уникатни пејзажи. Над селото планинарите и љубителите на природата ја имаат привилегијата да уживаат во прекрасниот поглед кон преубавото Преспанско Езеро и најголемиот остров, кој како шлаг на торта се издигнува над него. Преспанското Езеро со спокојното синило го наситува и задоволува љубопитниот поглед на планинарите и љубителите на убава фотографија, дури и најголемите перфекционисти на убави пејзажи не остануваат рамнодушни на околната убавина.

Од планинарските патеки особено се интересни планинарскиот дом Копанки и Неолица, врвот Пелистер со Пелистерските Очи.

Откако ќе одлучите да го поминете времето тука, и самите ќе го прифатите мислењето на другите кога велат дека Брајчино е едно од најубавите села во Македонија. За да го добие тој епитет, покрај прекрасната местоположба помеѓу Преспанското Езеро и националниот парк Пелистер, придонеле и автентичната архитектура, љубезните домаќини и нивната наделеку позната гостопримливост. Брајчино располага со многу можности да го развива и промовира екотуризмот во нашата земја. Вдишувањето на опојните мириси од шумските плодови, вкусувањето на брајчинската пастрмка, планинарските и велосипедските патеки ќе бидат причина да се навраќате во селото во секоја можна пригода.



Ова автентично македонско село, кое ги сочувало традиционалните македонски обележја, нашло свое место на туристичката мапа на светот со предзнакот еколошки туризам.
Покрај природните убавини, Брајчино е надополнето со повеќе сочувани верски објекти. Во Брајчино главната селска црква е „Свети Никола“, која е изградена во 1971/1972 на темелите на постара црква.

Вториот верски објект е црквата „Св. Богородица“, која се наоѓа во месноста Плеша, 700 м северозападно од селото. Црквата „Св. Илија“, црквата „Св. Архангели“, која се наоѓа во месноста Арангели, обновена во 1916 година.



Црквата „Св. Атанасије“, која се наоѓа во месноста Дабје, е обновена во 1984/1985 година. Брајчинскиот манастир се наоѓа над селото, обновен во 1985 година, како и манастирската црква „Св. Петка“, за која не постојат податоци за времето на градбата. Брајчино е највесело и најбогато со различни обичаи, а особено се празнува 8 август, кога се слави „Св. Петка“, тогаш голем број иселеници се враќаат во селото за да бидат дел од брајчинските средби. Брајчанските средби се испреплетени со многу обичаи, носии и други национални и културни обележја, кои ја збогатуваат целокупната туристичка понуда на селото.



Автор на текстот и фотографиите: професор Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот