X
 23.03.2024 Живот

Кораб и Корапските Водопади - зен со вансериска убавина

Планината Кораб се наоѓа на границата помеѓу Македонија и Албанија. Корапскиот масив претставува природно продолжение на Шар Планина. Масивот го сочинуваат Kораб, Дешат и Крчин, кои заедно со Шар Планина имаат најголема површина под пасишта на Балканот. Поради уникатните природни вредности, македонскиот дел од Кораб од 1952 година влегува во состав на националниот парк Маврово, како заштитено подрачје.



На Кораб се наоѓа највисокиот врв во Македонија и Албанија, а тоа е врвот Голем Кораб 2.764 м, кој во поранешна Југославија претставуваше вториот највисок врв веднаш зад Триглав.



За името Кораб постојат многу легенди, но една од нив е дека кога било сѐ потопено на планетата Земја, Ноевата арка постојано пловела по водата и прво удрила во Дешат и се слушнал силен тресок „кршшш“ и така го добила името на врвот Г. Крчин, но арката продолжила да удира до високите делови од планината и така се раздробувала и се преобразувале делови од планината формирајќи високи врвови, но не успеала да го „победи“ највисокиот врв и тука се задржала, така тој врв го добил името Голем Кораб.



Планината располага со многу атрактивни врвови со алпски карактер, посебно се истакнуваат Голем Кораб, Мал Кораб, Кабаш, Рибничка Скала, Радомирски Врв, Дерза-Јагода итн. Кораб е планина на која може да се сретнат голем број постојани и повремени глацијални езера.
Од осумте постојани езера најголемо е големото корапско езеро, кое е лоцирано веднаш под врвот Голем Кораб, интересен е фактот дека ова езеро се наоѓа на 2.500 м и тоа е највисокото ледничко езеро во нашата земја.



Планинарењето на Кораб значи слушање на жуборот на реките, мирисот на билките, доживување величествени панорами, едноставно тоа е целосно будење на сите сетила.

Кораб е безвремена убавица која има посебно место во срцето на многу планинари од земјава и надвор од неа. Корапските убавини ги има на секој чекор, една од атракциите што плени со својата убавина е Кањонот на Длабока Река. Ако сакате да излезете од комфорната зона, да почувствувате вистинска природа и да доживеете авантура, посетете го кањонот, тоа е скриениот рај на Кораб кој не смеете да го пропуштите. Водопадот на Длабока Река се појавува напролет поради топење на снегот во тој период. Водопадот, кој е познат и како Пројфалски Водопад, е најдобар за посета во мај или јуни. За височината на Корапскиот Водопад може да се сретнат различни податоци во литература, а варира помеѓу 70 и 138 m.



Најдобар пристап до овие водопади има од селото Жужње и Нистрово, но може и од с. Рибница. Стартувањето од село Рибница значи и движење низ високостеблеста дабова шума која е заштитена од УНЕСКО како ретко природно богатство. Убавините на кањонот и водопадите навистина ќе ви понудат едно несекојдневно пријатно и незаборавно искуство.



Автор на текстот и фотографиите: проф. Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот