X
 30.04.2015 Култура

Куманово во делата на странските патописци

Значаен извор за проучување на подалечното минато на Куманово претставуваат записи на одделни знаменити личности од Европа, кои, по кратко или подолго престојување во Куманово, оставиле пишани траги за него. Тие угледни и образовани луѓе, вршејќи определени службени работи и научни истражувања, ги забележувале своите непосредни набљудувања и впечатоци за местоположбата на Куманово, за бројот и занимањето на населението, за куќите и дуќаните, за пазарот и трговијата, за начинот на живеењето, за обичаите и слично.

Низ Куманово во разни временски периоди минувале патописци, универзитетски професори, лекари, дипломати и воени лица, кои во своите патописи даваат скапоцени податоци за него. Пронајдените патописи за Македонија, како резултат на истражувачката работа на д-р Александар Матковски (1922-1992), издадени во неколку тома под наслов „Македонија во делата на странските патописци“, ни послужија да се осврнеме на онаа што е запишано за градот Куманово.

ЕВЛИЈА ЧЕЛЕБИЈА (1611-1683), еден од најпознатите турски патописци и официјални историчари на Османлиското царство, по се изгледа е првата знаменита личност која по посетата на Куманово остава пишан збор за градот.

 

Во своето десеттомно дело „Сејахатнаме“ (во превод патопис) за Куманово што го посетил 1660 година, Евлија го запишал следново: „Бидејќи така го разгледавме Скопје, се збогувавме со пријателите и познајниците и тргнавме напред кон југоисток. Поминувајќи низ напредни села, стигнавме во касабата Куманово. Касабава се наоѓа на територијата на Скопскиот санџак и претставува еден војводлак. Градот е украсен со многу реки, закитен со 600 куќи покриени со ќерамиди. Џамијата што се наоѓа во чаршијата е убава. Тука има теќе, медреса, амам, доволен број продавници и воденици. Климата е добра и пријатна. Лозја и градини има многу. Одејќи натаму еден ден пеш кон север, дојдовме во касабата Кратово...“

Од описот на Евлија Челебија се гледа дека Куманово веќе прераснало во градска населба, а џамијата за која станува збор, позната како Ески (стара) џамија, постои и денес како најстар зачуван објект во Куманово со културно-историско значење. Во написот на надгробната плоча  во дворот стои дека во 1659 година Хаџи Осман Сулејман бил прв мутевелија на оваа џамија.

Според времето на престојување, втора по ред личност што го регистрирала Куманово е Англичанецот ЕДВАРД БРАУН (1644-1708), лекар на англискиот крал. Браун, по посетата на Лесковац и Врање, во 1669 година поминал низ Куманово и еве што запишал за тоа во својот дневник. “ Од ВРАНИА (Врање) втасавме во блиското гратче КОМОНАВА (Куманово) од каде што на една падина од планината  се уште се гледа еден од манастирите на старите Грци. Оттаму стигнавме во KAPLANICH (Катланово)...“

Следните зачувани пишани траги за Куманово датираат од 1706 година, од дубровничкиот пратеник и познат дипломат МАРИН МАРОИЦА КАБОГА.  На пат за Истанбул, во Македонија Кабога се задржал од 8 до 13 август, поминувајќи низ Скопје, Куманово и Крива Паланка и, преку Ќустендил и Пловдив, допатувал во Истанбул.  За време на патувањата Кабога водел дневник, во кој, меѓу другото, го запишал и следново: „Ден 10. Појдовме од тоа место (Скопје) и за осум саати тежок пат стигнавме во Каманово (Куманово), каде што ги распнавме шаторите покрај еден поток. Ден 11. Се задржавме во тоа место. Ден 12. Тргнавме од Куманово и по пат сретнавме еден турчин...“

 

Кабога во својата придружба се сместил во непосредна близина на Куманово, бидејќи во градот владеела колера. Во Куманово, инаку, четирипати се појавувала оваа лоша болест , и тоа во 1706, 1814, 1834 и 1836. Најсилната била во 1831, наречена голема чума, кога цели кумановски семејства се преселувале во козјачките села.

Куманово како градска населба се споменува и во патописот на Антон Фридрих Бушинг, доктор по географски науки, од 1762 година. Во Бушинговиот патопис е запишано дека „...Комонава (Куманово) е град покрај кој се наоѓа грчки манастир...“
Во патописните белешки под наслов „Дневникот на моето патување во Константинопол“, Французинот ЛУИ Д’ЗАМАЊА, како секретар на полковникот Форбие, во 1807 година патува низ територијата на Турција со задача да собере карактеристични податоци за патиштата, растојанието меѓу населените места и бројот на жителите, потребни за воените планови на Наполеон Бонапарта. Притоа за Куманово, меѓу другото го запишал следново: „Во 8 часот рано на 17 мај 1807 година го напуштив Врање за да стигнам во 8 часот вечерта во Куманово, на 12 левги (левга = 4 км) пат од Врање. Куманово е седиште на еден бег кој е подвластен на пашата во Скопје. Куманово се наоѓа до една малечка река што тече оддесно налево и има 1 500 жители. На 18 мај во три часот наутро го напуштив Куманово и вечерта стигнав во Паланка, а во 10 часот во Ќустендил...“

Грофот АНТОАН ФРАНСОА АНДРЕОСИ, дивизиски генерал и француски амбасадор во Лондон, Виена и Истанбул, во својот патопис од август 1812 година под наслов: „Опис на патот од Костанца до Константинопол“, во делот што се однесува за Македонија, меѓу другото, го запишал и ова: „Од Ускуп (Скопје) се оди во Куманова (Куманово) седиште на еден бег-сопственик, има 6 часа пат...Се стигнува во Куманова, град со 2 000 жители, сместен во котлина и опколен со безводни ридишта. Од Куманова се оди во Паланка, седиште на бег-сопственик, има 11 часа. Се поминува преку еден рид североисточно од Куманово и се стигнува во една добра обработена рамница, напојувана од една малечка река наречена Сапиаки (веројатно р. Пчиња). Потоа се поминува една висока планина, на чиј врв се колибите на Старасин (Страцин)...Областа меѓу Куманова и Бана, село што е расположено во почетокот на Маричката долина на патпт преку Паланка , Ќустендил, Дубница, Самоков и др., е пресечена со високи планини. Меѓу нив се наоѓаат убави долини, а понекогаш и доста големи рамнини...“

Градот Куманово, под името Куманово, се споменува и во патописот „Географски и историски опис на европска Турција по азбучен ред, за да се следат сегашните воени операции“ од непознат автор, објавен во 1826 година. Во него е запишано дека „...Куманова, град во подножјето на Еприсудаг, на една доста голема притока на левиот брег на Вардар, со грчки манастир во Скопскиот санџак, на шест милји исток-север од овој град“.

АМИ БУЕ (1794-1881), доктор по медицински науки и геолог од француско потекло роден во Хамбург, двапати ја пропатувал Македонија. Во Куманово Ами Буе престојувал во 1835 година, и во својот патопис за градот Куманово забележал дека: „Команово (на турски Геглигова) на 10  и пол часа од Егри - Паланка (Крива Паланка) и 653 стотки надморска височина е сместено на западниот брег на од една прилично голема река, тоа е Голема Река, која извира од кај пошумениот планински премин што води за Врање и се влева во Крива Река. Оваа гратче со 3 000 жители е обиколено со бавчи засадени со зеленчук, добро одржувани и наводнувани. Улиците не се поплочени и полни се со прав во летото, а ѕиданите огради се од керпич и слама“.

Интересни се податоците во патописот на францускиот конзул ПУКВИЛ (1770-1838), кој низ Македонија поминал двапати. Во Куманово престојувал на 18 март 1801 година, при неговото второ доаѓање во Македонија, и го запишал следново: „...Гратчето Куманово се наоѓа во плодна месност близу до неколку потоци што се спуштаат од планините. Сезоната уште не била таква во овие студени области за да биде пријатно. Независно од тоа каква е оваа област лете, се зборува дека е многу бедна и несреќна. Нејзините жители облечени во кожи изгледаат остарени од мизеријата, со тело истрошено од немилосрдното сонце под коешто живеат. Тие го немаат здравјето и свежиот изглед на платениците што се гордеат со својата независност„.

Во 1858 година во Куманово престојувал ЈОХАН ХАН (1811-1869), германски правник и долго време австриски конзул во Јанина. Во својот објавен патописен труд под наслов „Патување од Белград за Солун“ дава скапоцени податоци за Куманово.  Хан запишал дека Куманово, со 350 христијански и 300 муслимаски куќи, како и со 30 ромски колиби, имало околу 3 500 жители. Во градот владеела голема живост, особено во пазарните денови, а имало две џамии украсени со минариња, саат-кула и црква што се наоѓала во изградба. Кумановската околија броела 134 села, од кои 90 христијански. Градот и околијата претставувале вистинска житница, а доминантно место за тргување биле овците и волната. Од двете џамии една наречена Ески (стара), како што рековме постои и денес, додека другата Јени (нова) џамија, изградена во 1803 година, била урната за време на Првата балканска војна (1912). Што се однесува до споменатата црква, тоа е „Св. Никола“ што постои и денес, а била изградена во 1851 година.

Во Хановиот патопис, меѓу другото стои и следново: „Десно од главниот влез во црквата ние пронајдовме еден голем четириаголен пиедестал на кој се наоѓаше првиот римски натпис, и ние признавме дека нејзиното видување нас не направи радосни, затоа што тој натпис покажуваше дека земјиштето на кое сме стапнале има историја, дека сме стапнале во земја каде што зборуваат камењата. Едно подрачје без предисторија многу губи од својата привлечност“. 

Куманово се споменува и во патописите на двајцата студенти на Институтот за право во Лондон, ХЕНРИ ЛЕАРД и ЕДВАРД МИТФОРД од 1839 година, на германскиот ботаничар и професор на Универзитетот во Гетинген, Аугуст Гризебах (1814-1879), на Димитрие Болинтинеауну (1819-1872), виден романски публицист, општествен и државен деец, и на Едмунд Спенсер, Англичанец, капетан, кој многу патувал во разузнавачки цели.  Во Гризебаховиот патопис, објавен во 1839 година, е запишано дека Куманово бил град во пространата област на скопскиот самонаречен господар Хивзи-паша, со развиен пазар и трговија со добиток.

ДИМИТРИЕ БОЛИНТИНЕАНУ, во еден од своите патописи од 1854 година, го опишал патувашето низ Македонија. Во неговиот патопис е забележано и следново: „...Од Монастир (Битола), засега да отидеме до Команова (Куманово) и да ги бараме Романците. Од Монастир, за да стигнеш горе во Команова и Скопје, среќаваш повеќе села пред да стигнеш во Перлеп (Прилеп).

Во патописот на Англичанецот ЕДМУНД СПЕНСЕР од 1850 год., во кој наоѓаме податоци за Австро-турската војна и за Карпошовото востание во 1689 год. покрај градовите Скопје, Крива Паланка, Призерн се споменува и градот Куманово.

Патописната книга на Е. ТИМАЕВ (еден од службениците на рускиот конзулат во Битола, потоа руски конзул во Призрен), под наслов: „Описот на патот од Битола до Белград“, објавена во декември 1865 година, изобилува со драгоцени податоци за македонските градови, со посебен акцент за состојбата на патната мрежа во Македонија. За приликите во Куманово и за патната мрежа од нашиот град до градовите Скопје и Врање во втората половина на 19 век, Тимаев запишал: „Од Скопје до Куманово има 6 часа растојание. Отпрвин патот е добар, а потоа лош и тесен, оди низ крај со мали ритчиња, отстрана се гледаат повисоки планини, и тоа одлево Карадаг. Куманово е нечисто нахиско гратче со 4 200 жители , од кои 2 100 христијани, а 1 800 муслимани и околу 200 роми. Има две џамии, една црква и големо училиште. Во прошетка низ градот, паѓаат во очи 30 новоизградени домови, а предвидени за татарските семејства преселени од Крим преку Добруџа. Може да се спомне производството на волна која се боела во разни бои. Овчарството цвета“.

Споменатото големо училиште претставува првото училиште во историјата на Куманово световен карактер, отворено некаде во 1856 год., додека регистрираната црква е сегашната „Св Никола“, позната како Стара црква во тогашното Варош маало.

Публикацијата „Материјали по изучување на Македонија“ од ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, издадена во 1892 год., изобилува со скапоцени податоци за Куманово во втората половина на 19 век. Тој запишал дека Куманово е град во форма на четириаголник , разделен на четири големи маала: Долно или Варош маало, Карапско маало, Велешко маало и Горно маало, градските улици биле значително широки, но и нечисти. Куќите биле еднокатни, имало и двокатни, но помалку. Градот бил слабо пошумен. Водата од чешмите била многу добра, додека од бунарите не била таква. Понатаму Ѓорче Петров забележал дека Куманово, град со 2 100 куќи со над 8 000 жители се истакнувал како трговски центар, со развиена чаршија и добиточен пазар и со околу 850 дуќани и сергии. Истовремено, тој бил центар и на кожарството, потоа на житните култури , на обработката на коноп што се вршела во 15 ортомџиски дуќани, на производството на афион и на дрводелството. Карактеристичен е податокот од книгата дека првиот водовод во Куманово бил изграден во 1893 год., кога биле подигнати 17 јавни чешми во градот.

Извор:
Д. Масевски & М. Арсовски-Болто (2003) – Куманово [историја, уметност, традиција, култура]   

Напишал: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ  
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура