„Тајмс хаер еџукејшн“ секоја година објавува ранг-листа на светски универзитети, на која се наоѓаат повеќе од 1.250 најдобри универзитети во светот.
Чешкиот лингвист, математичар, картограф и музичар Јакуб Маријан на својот блог, на кој објавува едукативни мапи со различни податоци, користејќи ги податоците од „Тајмс хаер еџукејшн“, објави карта од Европа со бројот на врвни универзитети во секоја земја.
За критериум го зел влегувањето во првите 500 најдобри на ранг-листата, а на неа, како што може да се види, Македонија е меѓу земјите што немаат ниту еден универзитет меѓу најдобрите. Освен Македонија, во оваа категорија спаѓа речиси цела Источна Европа: сите земји од поранешна Југославија, Албанија, Бугарија, Романија, Полска, Украина, Молдавија, Белорусија, Литванија и Латвија.
Сепак, дури и Естонија, земја со помалку од еден и пол милион жители, има еден универзитет меѓу 500. најдобри во светот, според оваа статистика. Унгарија и Чешка исто така имаат по еден универзитет на листата. Од друга страна, земјите од Западна Европа се неспоредливо подобри.
Германија има 44 врвни универзитети, Велика Британија 58, Франција 21, Италија 33, а немаат лоши резултати и релативно малите западноевропски земји: Ирска има 7 универзитети на листата, Данска и Австрија по 6, Шведска 11, а Швајцарија 9.
„Тајмс хаер еџукејшн“ вреднува според следните критериуми: подучување (опкружувањето за учење), истражување (количина, приходи, репутација), цитати (влијание на истражувањата), меѓународна перспектива (меѓународни студенти, персонал и соработка) и индустриски приходи (трансферот на знаење).
Но, бидејќи оваа статистика не го зема предвид бројот на жители и на студенти во една земја, а логично е да се очекува дека поголемите земји ќе имаат повеќе универзитети, Маријан направи уште една карта. На оваа е пресметан бројот на студенти на универзитетите што спаѓаат меѓу 500. најдобри во светот, на 1.000 жители.
Фото: Jakub Marian
Очекувано, со оглед на тоа што немаме ниеден врвен универзитет, ни во оваа статистика не стоиме подобро. Од друга страна, Данска има 22,2 студенти на врвните универзитети на 1.000 жители, Шведска има 18,3 студенти, Ирска има 18,9 студенти, Финска 17,1 студент, Норвешка 16,2 студенти, а Холандија 16,4 студенти.
Македонските универзитети се на дното на листата со најдобри во светот
И на скалата „Ворлд јуниверзити ренкингс“ за 2019 година македонските универзитети се на самото дно.
Американските универзитети доминираат на листата со најдобро рангирани универзитети и се најзастапени во првите 100 високообразовни институции. Британските универзитети „Оксфорд“ и „Кембриџ“ се наоѓаат на првите две места.
Јапонија е втора најзастапена држава на ранг-листата, веднаш по САД, со своите 103 универзитети на листата.
Што се однесува до
Европа, меѓу првите 100 места, 8 ѝ припаѓаат на Германија.