Како што колеџите и универзитетите низ САД прават планови за пречек на студентите наесен, сѐ поголем број од нив објавуваат дека ќе бараат студентите да бидат целосно вакцинирани против Ковид-19 пред да се вратат во кампусот.
Досега, најмалку 14 колеџи изјавија дека ќе бараат вакцинација, а се очекува бројот да расте.
Универзитетите спроведуваат политики за вакцинирање од крајот на март, кога Универзитетот „Радгес“ во Њу Бранзвик, Њу Џерси, стана еден од првите што изјави дека вакцинирањето на сите студенти ќе овозможи брзо враќање во нормалата како што беше пред пандемијата.
- Ова ажурирање на здравствената политика значи дека, со ограничени исклучоци, сите студенти што планираат да присуствуваат во есенскиот семестар 2021 година ќе мора да бидат целосно вакцинирани - се вели во изјавата на претседателот на „Радгес“, Џонатан Холовеј. Тој додаде дека на студентите ќе им биде потребен доказ за вакцинацијата.
Исто така, „Радгес“ ги повикува сите членови на факултетот и персоналот да се вакцинираат, иако во соопштението не се вели дека за нив е задолжително.
Оттогаш, Корнел, Браун, Универзитетот во Нотрдам, Нортистерн, Универзитетот Сиракуза и Итака во Њујорк, како и колеџот Форт Луис во Колорадо дадоа слични соопштенија, иако сите ќе направат исклучоци поради медицински или религиозни причини.
Поединци што не се во можност да се вакцинираат пред нивното пристигнување во кампусот ќе се очекува да бидат вакцинирани што е можно побрзо по нивното пристигнување, а „Корнел“ истражува начини за олеснување на овој процес, пишува во соопштението од „Корнел“.
Универзитетот „Браун“ во своето соопштение рече дека планира да се врати на распоредот со физичко присуство кога ќе почне есенскиот семестар и ќе биде потребна вакцина за секој студент што ќе се наоѓа на кампусот.
- Нашите планови за олабавување на тековните ограничувања на личните активности за есента 2021 година се засноваат на постигнување високо ниво на имунитет меѓу студентите и вработените кои ќе бидат во кампусот - изјави претседателката на Универзитетот, Кристина Паксон.
Во порака испратена до универзитетската заедница, Универзитетот „Сиракуза“ изјави дека вакцините ќе бидат потребни за сите студенти и вработени пред есенскиот семестар 2021 година.
„Нотрдам“ ќе бара студентите на додипломски, постдипломски како и стручните лица да бидат вакцинирани, иако не прецизираше дали тоа ќе го бара и од персоналот.
Колеџот „Итака“ изјави дека вакцината ќе овозможи есенски семестар што ќе личи на оној пред пандемијата, со значително намален ризик од инфекции во кампусот.
Универзитетот „Нортистерн“, исто така, планира целосно да се отвори до есен за сите студенти да се вратат и предавањата да бидат со физичко присуство.
Два универзитета, Универзитетот „Сент Едвард“ во Остин и Универзитетот „Саутистерн“ одат чекор понатаму и ќе бараат од студентите и сите вработени во кампусот да бидат вакцинирани.
- Фокусот на универзитетот за време на пандемијата останува здравјето и безбедноста на нашите студенти, персоналот и гостите - се вели во соопштението од Универзитетот „Сент Едвард“.
Извор:
Edition.cnn.com
Фото: Freepik