X
 09.11.2022 Живот

Денешните дојави за бомби во девет училишта се лажни, утврди МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека по направените проверки во средните училишта утврдено е дека денешните дојави за бомби се лажни. Во текот на денешниот ден добиени се пријави за поставени бомби во девет училишта.

-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави - се наведува во информацијата од МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека во тек е обемна истрага која се одвива во неколку правци и во која се вклучени Агенцијата за национална безбедност, Одделението за антитероризам и странски партнери.

Спасовски посочи дека знаат од каде доаѓаат мејловите и дека се работи за хибридни напади не само во нашата земја, туку и пошироко.

-Ова се класични хибридни напади не само кај нас, туку и во целиот регион. Знаеме од каде доаѓаат мејловите. Министерството функционира во полн капацитет и ќе го надминеме овој проблем - рече Спасовски за „Слободен печат ТВ“.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање по новите дојави за бомби во средните училишта, оцени дека дојавите за поставени бомби во училиштата се дел од стратегијата за хибридни напади и дека не случајно таргет се училиштата бидејќи луѓето се најосетливи кога станува збор за училиштата каде учат деца.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот