X
 15.11.2023 Наша тема

„Секој може да биде жртва, но не секој може да биде силувач“, вели психотерапевтот Розалија Секулоска

За мене како психотерапевт, најважно е жртвата да се чувствува безбедно за да може да ѝ се помогне. Тоа се постигнува со психотерапевтска работа да се надмине траумата и да се засилат капацитетите. Но, ако агресорот не е запрен, санкциониран, осуден, да не се лажеме, безбедноста која се пласира е лага, истакнува Розалија Секулоска

Во последно време во билтените на МВР зачестени се случаи на силувања, особено на деца, злоупотреби на деца, тинејџери... Насловите што кружат низ медиумите се вознемирувачки, па од едно читање се врежуваат в глава и подобро е да не потсетуваме на нив. Но, секако, далеку е пострашна сликата во реалноста. Ваквите инциденти остануваат за навек, оставаат длабоки неизбришливи лузни.

Од МВР ни потврдија дека бројките се загрижувачки. Според нивните статистки, бројот на сексуални деликти од 2010 година досега е константно висок. Некоја година е малку поголем, некоја помал. Пријавите се најчесто за кривично дело силување и полов напад на дете. Но не во секоја ситуација и пријава се знаат и се казнети сторителите.
До август годинава се регистрирани 24 кривични дела, од кои најмногу во Скопје, и 21 пријавен сторител, од кои исто така најмногу во Скопје.

Се поставува прашањето дали отсекогаш бројот на сексуални деликти бил висок или со зачестеното информирање дополнително се охрабруваат сторителите на еден ваков страшен чин.






Лесната достапност до информации им оди во прилог на сторителите

Со лиценцираниот психолог и психотерапевт Розалија Секулоска разговаравме на оваа тема. Според неа, асоцијалното и антисоцијалното поведение, она што отстапува од моралните вредности, правила, норми, закони, отсекогаш било присутно во најразни форми и интензитети. Да, во последно време како да сме бомбардирани со негативни информации за човековото поведение во однос на кражби, силувања, злоупотреба на наркотични средства, хазардни игри, агресија во форма на убиства и самоубиства.

- Не може секој сѐ да направи. Сепак е неопходно да се има одредена структура на личност, во глобала нестабилна, лабилна, која при некоја криза, стрес или што и да е, го доживува тоа како загрозувачка состојба и се подвргнува на асоцијално или антисоцијално поведение.
Од друга страна, олеснителни услови за некои патологии да се лесната достапност до наркотични средства за зависности, сиромаштијата, незадоволството, фрустрираноста, злоупотребата, структурата на личноста, од една страна, а лабав правен систем од друга страна. Да се задржам на силувањето, полов напад. Имаме најмалку две единки од кои едната не се согласува на полов чин. Агресорот со примена на сила го задоволува сексуалниот нагон без да го слушне НЕ од жртвата. Агресорот е болна личност, односно станува збор за патологија. Тоа може да бидат разни патологии - гранична структура на личност, нарцисоидна или шизофрена личност или карактерно нарушување кое е типично за антисоцијална личност која не почитува закони и го крши системот - истакнува Розалија.

Лесната достапност до информации на социјалните мрежи денес многу лесно се злоупотребува за следење, приближување, стапување во контакт, злоупотреба на информации во однос на заканување, со цел да се нахрани агресорот и да го искористи, сексуално злоупотреби, омаловажи, уцени другиот, дополнува нашата соговорничка.
- Од друга страна, постои лице кое без разлика дали е малолетно или полнолетно, е излажано и злоупотребено, кое може да биде наивна, лековерна личност или личност која има тенденција да биде во минус животна позиција и да ги задоволи туѓите потреби. Ова не сакам да се протолкува погрешно бидејќи секој може да биде жртва, секому може да му се случи чин на силување, насилство, но не секој може да биде силувач.




Потребна е поголема едукација за препознавање на сторителите

На прашањето како да се справиме, таа посочува дека примарната превенција е најдобра бидејќи е психоедукација пред да се случи последицата. Тоа би значело едукации, информирање за овие антисоцијални и асоцијални поведенија, препознавање, справување, третирање и реагирање.

- Секундарна и терцијарна превенција е за лицата што се жртви на насилство. Честопати жртвата молчи бидејќи е исплашена, истрауматизирана и разочарана во животот и системот. Знае дека нема да биде разбрана, туку ќе биде осудувана, а тоа е секундарна виктимизација и системот нема да ја заштити. Одлучува да молчи, да игнорира, да потисне, па со тек на време да се нашминка и со насмевка да продолжи да живее. Но кога-тогаш таа траума излегува на површина, знам бидејќи имам искуство со клиенти жртви на полов напад и насилство - подвлекува психологот Секулоска.

Според неа, имаме уште многу работа ако сакаме да се справиме со оваа проблематика. А тука набројува цела листа на која треба да се темелно посветиме:

- Потребен ни е добар правен систем. Добро судство и вештачење. Држава која нуди безбедност. Строги казни за злоупотребувачите. Висока заштита во однос на податоците и психотерапевтска работа со жртвата и нејзиното семејство. Охрабрување да НЕ се молчи, туку да се пријави. Пропагирање вистински, а не лажни морални вредности. Сајбер-насилството да биде санкционирано од стручни служби на МВР без разлика дали лицето е малолетно или полнолетно... За мене како психотерапевт, најважно е жртвата да се чувствува безбедна за да може да ѝ се помогне. Тоа се постигнува со психотерапевтска работа да се надмине траумата и да се засилат капацитетите. Но, ако агресорот не е ЗАПРЕН; САНКЦИОНИРАН; ОСУДЕН; да не се лажеме, безбедноста која се пласира е лага! - категорична е Секулоска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема