X
 16.04.2015 Образование

Подготвени ли се училиштата за полагање екстерни тестови?


 
Дали и колку се подготвени училиштата од технички аспект за претстојното екстерно тестирање?

Ова прашање им го поставивме на неколкумина директори на училишта, како и на одговорните лица за образование во неколку општини. Сите имаат потврден одговор, со тоа што потенцираат дека потребно е подобрување на перформансите на компјутерите.

Екстерното тестирање почна да се реализира во 2013-тата година, а како нов концепт во македонскиот образовен систем, се дискутираше уште од 2006-тата година.
- Чекаме Министерството за образование да ни обезбеди Интернет. Имаме доволно компјутери, па можеме квалитетно да одгвориме на обврската екстерно тестирање. Матурантите веќе полагаа зимоска и немаше никаков проблем, па не гледам зошто би имало сега - вели Ефтим Пејовски, директор на „Михајло Пупин“.

Одговорните за образование во општина Струмица велат дека училиштата технички делумно се подготвени за реализација на процесот на екстерното тестирање. Сепак, додаваат дека компјутерската опрема е дотраена и застарена и потребно и` е редовно одржување.

- Компјутерите се спори и бројот на работни површини не соодветствува со бројот на ученици. Од тие причини екстерното тестирање се одвива отежнато и трае подолго време. Голем број ученици минатата година имаа ограничени можности тестирањето да го завршат во континуитет поради одредени проблеми со компјутерите, истите мораа да бидат преместувани на други компјутери, а системското испраќање на резултатите беше оневозможено, па поради тоа беа испраќани преку е-маил. Неопходно е подобрување на перформансите на компјутерите, зголемување на меморијата и надминување на проблемот со интернетот - велат во општината Струмица.

Александар Канкурков, директор на скопското средно училиште „Васил Антевски Дрен“ вели дека подобро би било кога би имало пософистицирана техничка опрема.
- Ако имате фичо, колку и да ги репарирате сепак, е фичо. Мислам дека можеби добро е да се инсталираат антени и да се полага на таблет-компјутери. Сегашните компјутери се стари, но ќе може на нив да се полага годинава екстерно. Имаме малку кабинети кои ни се опремени со компјутери, а во училиштето имаме 2.000 ученици - вели директорот.

Во општината Бутел информираат дека училиштата се подготвени за претстојното полагање.
- Лани имавме многу малку проблеми од технички аспект. Главно процесот се одвиваше без проблеми. И годинава се надеваме дека се` ќе биде во ред - рекоа во Бутел.

Инаку, државата планира набавка на таблет-компјутери за сите основците, средношколците и студентите. Околу 1,5 милиони евра ќе бидат потребни за да се купат таблетите. Таблети први ќе добијат средношколците. Во 2017 година таблет ќе добијат основците од шесто до деветто одделение и во 2018 година децата од прво до петто одделение.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование