Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со блокада на сообраќајот во Скопје, но, според најавите, од 10 часот изутринава нивни автобуси ќе има само на бул. „Илинден“, а ќе ги ослободат за движење крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и Црвен крст. Со паркирани околу 200 автобуси на овие три сообраќајни точки, превозниците од понеделникот поставија блокади барајќи исплата на долгот од Град Скопје и ЈСП.
Превозниците вчера на координативен состанок одлучија од 10 часот да ги дислоцираат автобусите од кај „Мавровка“ и Црвен крст и да се упатат на бул. „Илинден“, на потегот од зад Владата кон Карпош до „Алумина“. Причина за деблокадите, како што велат, е да се направи поголем притисок врз Град Скопје за да им се исплати долгот.
Извор: МИА