X
 16.10.2026 Живот

ВИ преведува сѐ подобро, но грешките во правото и медицината можат да имаат сериозни последици

Вештачката интелигенција денес преведува милијарди зборови, а нејзините резултати сè почесто се толку природни што грешките тешко се препознаваат. Сепак, погрешно преведен правен термин или единица за дозирање лек можат да имаат сериозни последици. 

Прашањето повеќе не е само колку е добра ВИ во преведувањето, туку и дали човечките преведувачи наскоро ќе станат излишни.

Францускиот израз „il pleut des cordes“, кој се користи за силен дожд, буквално значи „паѓаат јажиња“. Тоа е еден од примерите на кои вештачката интелигенција може да ги покаже своите слабости во преведувањето.

„Можете да замислите во каква дилема го става тоа ВИ преведувачот“, вели Франсоа Ивон, директор за истражување за машинско преведување во францускиот Национален центар за научни истражувања (ЦНРС).

Добро обучен систем ќе знае дека јажиња не паѓаат од небото и веројатно ќе пронајде соодветен англиски израз „it's raining cats and dogs“, кој означува многу силен дожд. Но што се случува кога преведува на индонезиски или некој друг јазик за кој нема еднакво квалитетни податоци?

Погрешно преведен израз за времето главно нема да предизвика поголеми проблеми. Меѓутоа, вештачката интелигенција денес обработува огромни количини текст од области во кои прецизноста е пресудна.

„Гугл“ во април објави дека корисниците преку неговиот сервис Транслејт преведуваат трилион зборови месечно. Во таа бројка не се вклучени други алатки, како ДипЛ, преведувачките решенија на Мајкрософт, Клод, Чет-ГПТ и Џеминај, како ни специјализираните системи што ги користат компаниите.

Директниот пазар на услуги за машинско преведување, без општите претплати на алатки за вештачка интелигенција, минатата година достигна проценета вредност од 1,4 милијарди долари, пишува Би-би-си.

Поевтино преведување или поголем ризик од грешки?

„Во многу ситуации целосно автоматизираниот превод денес е исправна одлука. Нема смисла да се трошат сто пати повеќе пари за да се исправат последните неколку проценти грешки ако станува збор за интерни документи или каталози на производи“, вели Џон Цимерман, основач на швајцарската непрофитна организација Опен колеџ асоцијација (ОКА), која преведува статии од Википедија на други јазици.

Меѓутоа, кога станува збор за енциклопедија, ситуацијата е поинаква.

„Википедија се заснова на доверба. Неточен факт може со години да остане во статијата, а подоцна можат да го цитираат новинари и ВИ системи“, предупредува Цимерман.

ОКА е, според неговите зборови, најголемиот поединечен соработник во преведувањето статии за оваа интернет-енциклопедија, со повеќе од 10.000 објавени текстови, главно на шпански, португалски и англиски јазик.
Таквиот обем на работа не би бил можен без вештачката интелигенција. Преведувањето на 10.000 статии со традиционални методи би чинело милиони, објаснува Цимерман. Во нивниот процес ВИ прво подготвува нацрт, а човечки преведувач потоа ја проверува секоја реченица.
Сепак, напредокот на технологијата го отвора прашањето дали човечката проверка е сè уште неопходна.



„Резултатите од машинското преведување денес се толку добри, што целосното исклучување на човекот од процесот стана сериозна опција и искушение за целата индустрија. Пред две или три години, со алатки како ДипЛ, нашите преведувачи мораа да преправаат голем дел од секој нацрт. Денес текстот честопати воопшто не треба да се менува“, вели Цимерман.

Поради тоа, клучното прашање повеќе не е дали ВИ-преводот е добар, туку дали е доволно сигурен за човекот целосно да се отстрани од процесот.

Еден погрешен збор може да го промени значењето на документот

Професионалните преведувачи предупредуваат дека технологијата сè уште го нема достигнато нивото на сигурност што би овозможило нејзина некритичка употреба во сите области.

Ариела Балти, преведувачка и правничка специјализирана за судски документи од англиски на француски јазик, неодамна добила барање од клиентка која веќе ги превела документите со помош на ВИ-алатка и сакала да го провери нивниот квалитет.

„Веднаш уочив две големи грешки“, вели Балти.

Францускиот правен термин „Le demandeur“, кој означува тужител, односно странка која покренува постапка, системот го превел како „the requester“, односно подносител на барање. Таквиот превод не одговарал на правниот контекст.

Друг пример бил изразот „Madame X, épouse Y“, кој означува госпоѓа X, сопруга на лицето Y. Вештачката интелигенција го превела како „Ms X marries Y“, односно дека госпоѓа X се мажи за Y.
Наместо да го препознае изразот со кој се означува брачен однос, системот го протолкувал како дејство што се одвива во сегашноста, целосно менувајќи го значењето.

Во правните документи таквите грешки можат да имаат сериозни последици. Во Соединетите Американски Држави, на пример, грешките во машински преведените барања за азил довеле до одложување на пуштањето на притворените лица на слобода.

Слични проблеми постојат и во медицината, каде што погрешно преведен збор, симбол или единица мерка можат директно да го загрозат здравјето на пациентот.

„Единиците за дозирање и резултатите од крвните анализи често содржат грчки букви“, објаснува Карол Береутер, стручњак за медицинско преведување.

Таа наведува пример за автоматски превод во кој грчката буква μ, која го означува префиксот микро, погрешно била протолкувана како мили. Разликата е огромна: микро означува милионски дел, а мили илјадити дел од основната единица.

„Тоа е сериозна грешка. Ако некому му дадете милиграм наместо микрограм, му давате илјада пати поголема доза“, предупредува Береутер.

Проблемот не е само во зборовите, туку и во контекстот

„Ако станува збор за нешто што го потпишувате, си го ризикувате својот углед. А ако врз основа на преводот ќе се донесуваат одлуки за медицински зафат, договор или голема набавка, ризикот е уште поголем“, предупредува Франсоа Ивон.
Дури и едноставни реченици можат да претставуваат проблем кога зборот има повеќе значења.

Ивон како пример го наведува англискиот збор „Polish“, кој, во зависност од контекстот и начинот на пишување, може да означува полски јазик или средство за полирање. Ако системот не препознае дека изразот „translate into Polish“ се однесува на преведување на полски јазик, може погрешно да го протолкува значењето.

Контекстот е пресуден и во други ситуации. Ако системот не препознае дека текстот се однесува на фудбалски натпревар, изразот „taking a corner“ би можел да го преведе погрешно, не препознавајќи дека станува збор за изведување корнер.

Истражувањето покажа дека ВИ-преведувачите и понатаму прават значителни грешки

Минатата година ОКА, со финансиска поддршка од фондацијата Викимедија, спроведе истражување за квалитетот на преводите што ги генерира вештачката интелигенција. Анализирани биле 119 статии на десет јазични парови, со повеќе од 1.000 часа работа на преведувачи.

„Дури 27 отсто од текстот што го генерираше ВИ сепак беше исправен пред објавувањето. Три четвртини од тие исправки се однесуваа на грешки што ги внесла ВИ, а пет до шест отсто од грешките го променија значењето на изворниот текст“, вели Цимерман.

Овие резултати укажуваат на тоа дека течниот превод не мора нужно да биде и точен, особено кога се работи за текстови што содржат специфични поими, сложени реченици или информации чие погрешно пренесување би можело да има долгорочни последици.

Ивон смета дека е тешко да се очекува дека постојните системи некогаш ќе станат целосно сигурни.

Причината е, меѓу другото, во начинот на кој функционираат: при генерирањето текст тие избираат зборови и конструкции врз основа на научени обрасци и веројатност. Меѓутоа, она што е статистички најверојатно не е нужно и точно.

Тоа е особено важно во јазикот, кој е полн со двосмислености, исклучоци, културни разлики и изрази чие значење зависи од ситуацијата.

Сепак, се очекува новите генерации на технологијата да донесат дополнителни подобрувања. Ивон предвидува развој на системи кои ќе можат подобро да го проценуваат квалитетот на сопствената работа, да ги препознаваат недостатоците и да ги исправуваат грешките. Таквите системи би можеле истовремено да користат повеќе различни ВИ-алатки: една за преведување, друга за критичка процена на преводот, а трета за изработка на нова верзија.

Клучниот напредок можеби нема да биде во тоа вештачката интелигенција да преведува уште потечно, туку да научи да препознае кога не е сигурна.

Извор: бука
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот