Компанијата „Транспорт фор Лондон“, задолжена за јавниот превоз во овој град, претходно годинава најави дека ќе почне со електрификација на својата флота на легендарните црвени двокатни автобуси. За да се направи јавниот превоз на електричните автобуси побезбеден за пешаците, било одлучено сите нови автобуси да имаат вграден систем за емитување вештачка бучава додека се движат со мала брзина.
Оваа одредба стапи во сила и во остатокот од Европската Унија, каде што сите типови автомобили што доаѓаат на пазарот мора да имаат вграден систем за вештачка бучава. Во Лондон ова лето покренаа иницијатива за наоѓање соодветен звук за своите автобуси, а „Транспорт фор Лондон“ тогаш објави натпревар за најдобар звук, но иницијално компанијата не била задоволна од првите предлози.
Сега повторно беше објавено дека електричните автобуси од почетокот на наредната година во Лондон ќе почнат со тестирање на првиот звук. Вештачката бучава што одлучиле да ја тестираат во јавноста е оценета како иновативна, смирувачка, а повторно доволно наметлива за пешаците, велосипедистите, слепите луѓе и сите други учесници во сообраќајот да ја слушнат кога е потребно.
Звукот ќе биде емитуван преку специјални звучници сместени на предниот дел на електричните автобуси, засега на една линија во Лондон. Автобусите ќе мора да се „огласат“ на овој начин додека стојат или додека се движат со брзина под 20 километри на час. Звукот ќе се менува, а ќе се менува и висината на
тоновите во зависност од брзината на возењето, за пешаците да добијат појасна слика за положбата и движењето на автобусот во нивна близина.