X
 10.01.2023 Живот

Смешното одење ефективно ги согорува калориите

Штом ќе помине празничната сезона, многумина од нас ќе почнат да размислуваат за планот за следната година, кој неминовно ќе вклучува здрав живот, диета, вежбање што се одложува од понеделник до понеделник и слично. И тогаш сите на интернет ќе бараме совет од тренери, нутриционисти и други експерти, но за ефикасно согорување на калории - секој ден и во секоја пригода - не треба да гледаме подалеку од култната британска комична група „Монти Пајтон“.

Министерство за смешно одење

Легендарните Британци создадоа десетици скечеви кои веднаш станаа дел од поп-културата и колективната свест, а еден од најпознатите е „Министерството за смешно одење“, пародија на бирократскиот систем објавена во 1970 година (но сепак многу актуелна). Во тој скеч Џон Клиз го прослави своето смешно одење, а освен што ја инспирира публиката, неодамна со ова одење инспирира и група истражувачи од американскиот државен универзитет во Аризона.

Тие го анализирале овој начин на одење во обид да откријат што се случува со човечкото тело. Во трудот наречен „Квантификување на придобивките од неефикасното одење: Лабораториско истражување инспирирано од Монти Пајтон“, тие го направиле токму тоа: измериле колку е подобро ваквото одење за поединецот.

odenje
Фото: Bi.ly/bmj-walks

Истражувањето го спровеле на 13 испитаници, од кои се барало да одат по патека долга 30 метри во различни стилови, а потоа им ја измериле потрошувачката на калории.

Основното одење било нормалното човечко одење, а другите две одења имале цел да копираат два лика од познатиот скеч: Пути и Тибег. Резултатите се интересни. Ако одите како Тибег, ќе потрошите 2,5 пати повеќе енергија отколку при нормално одење. Со само 11-минутна ваква прошетка дневно ќе ја постигнете неделната цел од 75 минути интензивно вежбање, додека по 12-19 минути од таквото одење ќе согорите 100 калории.

- Пред половина век „Министерство за смешно одење“ несвесно стана моќен начин за зголемување на кардиоваскуларната кондиција кај возрасните - заклучуваат авторите на студијата.

Ако нивните резултати не ве инспирираа да пешачите по десет минути дневно како Тибег, можеби ќе ве инспирираат уште еднаш да го погледнете „Министерството за смешно одење“ и остатокот од летечкиот циркус на „Монти Пајтон“.


Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот