X
 30.05.2018 Здравје

Додека џвакаме гума за џвакање, побрзо се движиме и трошиме повеќе калории?!



Гумата за џвакање ја користиме од различни причини, заради вкусот, заради досада, за побрзо да го неутрализираме мирисот на храната што сме ја јаделе, но и за освежување на здивот. Меѓутоа, едно јапонско истражување покажува дека џвакањето гума за џвакање може да има и една дополнителна „вредност“ за луѓето.


Графит - жена прави балон со гума за џвакање
(Фото: Pixabay)


Некои истражувања покажуваат дека гумата за џвакање без шеќер е добра за забите затоа што спречува појава на кариес и натрупување на плак. Едно друго истражување утврди дека џвакањето гума за џвакање го намалува стресот, а како што претпоставуваат авторите, тоа е поради зголемениот доток на крв во мозокот, што се случува при практикувањето на оваа активност.

Други студии, вклучително и една што е објавена во списанието „Итинг бихевиорс“, заклучиле дека џвакањето гума за џвакање го намалува апетитот за здрави меѓуоброци, како овошје или семки, но не е ефикасно при намалувањето на апетитот за нездрава храна, како што е чипсот. Научниците од Универзитетот „Васеда“ во Токио своето внимание го насочиле во друг правец, обидувајќи се да стигнат до одговор дали џвакањето гума за џвакање додека се движиме на некој начин влијае врз нашите физиолошки функции.

Студијата што ја водел Јука Хамада дошла до интересни резултати во врска со влијанието на таа мала дневна навика врз телото и користењето на енергијата. Резултатите беа објавени минатата недела на Европскиот конгрес за дебелина што се одржа во Виена. Овие научници утврдиле дека сите учесници во студијата, без оглед на полот и возраста, што џвакале гума за џвакање додека се движеле имале повисока срцева фреквенција и поголеми промени во отчукувањата на срцето од фазата на одмор до фазата на движење, во споредба кога не џвакале.

Најголема корист имаат мажите од 40 години


Кај мажите било забележано дека должината на прошетката, која траела 15 минути, и просечниот број срцеви отчукувања, со џвакањето гума за џвакање значително се зголемувале. Кај жените не бил забележан таков значаен учинок. Лицата на возраст од 40 до 69 години покажале поизразена промена во брзината на срцевите отчукувања во споредба со помладите учесници.

Џвакањето гума за џвакање додека шетаме влијае врз многубројни физички и физиолошки функции кај мажите и жените од сите возрасти, заклучуваат научниците, истакнувајќи дека најголема корист имаат мажите од 40 години, па нагоре. „Нашата студија покажа дека џвакањето гума за џвакање ја зголемува должината на прошетката и потрошувачката на енергија, особено кај мажите од средна возраст, па нагоре“, вели Хамада.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје