X
 21.06.2021 Живот

Дали погрешно ја мериме премореноста од работа?

Многумина се преморени и исцрпени поради пандемијата, но според некои експерти, не сме толку уморни колку што мислиме.

Синдромот на согорување е нешто што не може да се дефинира, а веројатно во моментов го чувствуваат повеќе луѓе од кога било. Меѓутоа, според научната дефиниција за согорување и стандардите по кои се мери, многу луѓе што мислат дека согореле впрочем не стигнале до тоа ниво на умор.

Во 1981 г. професорката по психологија Кристина Маслеч од „Беркли“ развила модел на согорување за да ја дефинира и измери оваа состојба. Нејзиниот модел се обидува да ги објасни работите оценувајќи го согорувањето врз основа на три критериуми: исцрпеност или целосен недостиг на енергија, чувство на цинизам или негативност кон работата и намалена ефикасност или успех во работата.

Во испитување на согореноста со овој метод, треба да имате негативни резултати во сите три аспекти за да има согорување. Негативната оцена во само еден критериум не значи дека сте согореле.


Фото: Pixabay

Според Мајкл Лајтер, психолог, многу луѓе ја мешаат исцрпеноста со согорувањето, односно го користат согорувањето како синоним за умор. Втора најголема група на луѓе се оние што не се целосно ангажирани, туку одат на работа само затоа што мораат и тоа не им е возбудливо. Постои и група што е само цинична, а има и луѓе што може само да имаат ниска ефикасност, објаснува Лајтер.

Сепак, помал број луѓе може да кажат дека ги исполнуваат сите критериуми. Маслеч открива дека само 10-15% од луѓето вистински согоруваат.

Меѓутоа, тоа не значи дека сите други се на другата страна од спектарот бидејќи според истражување на Маслеч и Лајтер, над половина од вработените имаат високи негативни резултати во поглед на исцрпеноста, ефикасноста и цинизмот. Тие сè уште не согореле, но се на пат.


Фото: Pixabay

Според Лајтер, за многумина работите се влошиле поради пандемијата. Во истражување спроведено на здравствени работници минатата година, користејќи тестови слични на инвентарот за согорување на Маслеч, речиси 67% од испитаниците согореле.

Според Маслеч, процентот на согорување кај работниците веројатно се зголемил на околу 20% во пандемијата.

Извор: BBC
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот