Подобри услови и образование за сите, но и бесплатно образование за сите, да не се спроведе изгласаниот закон за изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од Универзитетите, побараа, меѓу другото, учениците од грчките средни училишта за време на денешниот протест во центарот на Атина.
Протестниот марш низ улиците во центарот на градот и пред грчкиот Парламент, помина мирно и масовно, под силно, но дискретно полициско обезбедување, а единствено на крајот, непознати лица ги скршија сталката од билбордите на автобуска станица.
Дел од учениците кои учествуваа во протестот велат дека само доколку се борат за нивните права, можеби и ќе успеат да ја премислат владата.
-Не треба да седиме со скрстени раце, треба да се бориме против неправедниот систем. Што бараме? Бараме да се средат училиштата, условите се ужасни. Бараме да се пополнат празните места, немаме доволно професори, а за неколку месеци полагаме државна матура - вели ученичка од едно атинско средно училиште.
-Не сакаме да се спроведе законот со кој се изедначуваат приватните со државните Универзитети - вели друга ученичка.
Учениците за денешниот протест добија поддршка од нивните професори, кои со одлука на Федерацијата на вработените во средните училишта имаа двочасовен прекин на работата за да овозможат учество во демонстрациите.
-Заедно со децата се бориме за современите права. Не прифаќаме новата генерација да забправи што значи бесплатно образование, осигурување, работно време и достоинствен живот - соопштуваат од Федерацијата.
Извор: МИА