Некогаш на неодобрување наидуваа изразите од типот „со карот шетавме низ стритот“ на македонски иселеници кога ќе се вратеа во родниот крај. За жал, денес голем дел од децата, иако растат и се образоваат во Македонија, на сличен начин употребуваат странски зборови додека зборуваат македонски. „Не ти лајкнувам, ме фоловна, кринџ си, те хејтаат на интернет, свична, римувна, го блокнаа, апдејтна“- се само дел од погрешните изрази што ги користат младите под влијание на странските јазици, додавајќи им наставки и кратки заменски форми од македонскиот јазик. На ова се додаваат и туѓите изрази кои кога ќе ги преведат на наш јазик, звучат нелогично, на пример: „Tоа не може мојот ум да го зграпчи“ и слично. Влијанието на англискиот јазик е толку големо, што неформалната комуникација меѓу младите e слична како hinglish (хинглиш) во Индија, кој стана мешавина на хинду и англискиот јазик.
Професорите по македонски јазик предупредуваат дека ваквите неправилности се провлекуваат на фонетско и фонолошко, морфолошко и морфосинтаксичко, синтаксичко, лексиколошко, лексикографско, фразеолошко, па дури и стилистичко рамниште.
Даниела Петровска: Не се вовлекува нов ред, грешно се пишуваат датуми, неправилно се кратат зборови...
Даниела Петровска, професорка по македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, голем поборник за правилна употреба на македонскиот јазик, вели дека врз модрениот начин на изразување на младите големо влијание имаат паметните уреди, каде што содржините се следат на странски јазици.
- Младите комуницираат на социјалните мрежи со видливо јазично влијание од англискиот јазик кој се наметнува во допирот на јазиците како суперстрат, особено ако ја имаме предвид современата глобализација и во јазичен контекст. Поради недоволно познавање на правилата на Правописот, се случува по автоматизам да се пишува под влијание на англискиот јазик на сите јазични нивоа, од фонолошко до синтаксичко. Се случува да не се користи вовлекување два прста за почеток на параграф, а тоа не е во согласност со правилата на нашиот јазик. Во однос на фонетското отстапување, најчесто се случува изговор на зборовите со туѓ акцент, се прави скратување на самогласките и се добива збор од типот: здр (здраво) или целосно се користи туѓиот збор: адна, фоловна... - вели Петровска.
Таа додава дека употребата на голема и мала буква е нарушена под влијание на суперстратот, па се пишува голема буква каде што не треба: Понеделник, Март, Македонски јазик... Се пишува нула кај датумите, а тоа не е правилно: 04.03.2024 г. (треба: 4.3.2024 г.).
- Во отсуство на целосна волја за размисла и мотивација да се напише сопствен автентичен текст, често се користи електронски преведувач или вештачка интелигенција и без да се види дека структурата на реченицата е целосно деконструирана, се преземаат цели реченици или параграфи кои се аграматикални и алогични. Тие примери најчесто ги гледаме во писмените вежби. Усното изразување се случува да се одвива отежнато поради тоа што многумина од учениците повеќе размислуваат на англиски јазик отколку на македонски, па не знаат да си ги преведат соодветно мислите - додава Петровска.
Александар Адамовски: Полесно се изразуваат на англиски отколку на македонски јазик
Професорот по македонски јазик од основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола, Александар Адамовски, колумнист кој ги застапува ставовите за правилна употреба на стандардниот јазик, посочува дека учениците се воспитани во духот на напредната технологија, заспиваат и стануваат со неа (телефон, компјутер, таблет...). Точно е дека многу полесно се изразуваат на англиски отколку на македонски јазик.
- Уште од мали, со македонскиот јазик паралелно го учат англискиот јазик и го следат на разни начини, што им овозможува полесно да го совладуваат и зборуваат. Но, јазикот не служи само за забава, ами за воспоставување и одржување културна и разбрана комуникација. Доминирањето на англизмите, а потиснувањето на македонизмите, не е за оправдување затоа што на тој начин учениците, би додал и сите други, покажуваат колку не водат сметка и грижа за својот јазик, мислејќи дека совршено го познаваат и течно, изразно го практикуваат. Треба да ги контролираме странските термини, а да ги чуваме и соодветно применуваме во практика нашите убави и културни македонски зборови и изрази - вели Адамовски.
Навлегувањето на туѓата лексика во нашиот јазик, според Адамовски, зависи од самите нас, дали ќе ги користиме интернационализмите зачестено или соодветно ќе си го негуваме мајчиниот јазик. За тоа лично право не постои закон, ама доволно е да работи свеста дека сме Македонци и дека прво треба да го знаеме својот, а потоа другите јазици.
- Слушаме: бејби, лејди, рачун, хелоу, лигуш, дип-хаус, спејс шатл, флеш... учениците шеговито и на интересен начин зачестено ги користат овие немакедонски зборови и изрази. Сленгот е одраз на креативниот израз и остроумноста на младите, кој треба да се користи во граници на нормалата. Да се внимава на странските термини, кои зачестено се употребуваат во македонскиот јазик. Таа должност ја имаме сите и мора да се придржуваме до неа - вели Адамовски.
Со јазик сме некој и нешто, без него ништо
- Како наставници, јазичари, должни сме постојано да потсетуваме и да настојуваме правилно да се користи македонскиот јазик. Мајчиниот јазик е наш препознатлив национален, културен, цивилизациски белег. Кај учениците мора да постои визија, како што напишал Гане Тодоровски: „Судбината на јазикот е судбина на народот“. Мора да постои волја затоа што сметам дека учениците навистина почнуваат да бидат свесни за значењето и за големината на мајчиниот јазик што го учат. Ако работи личната свест, работите ќе се поправаат и ќе одат во позитивен правец, а за тоа заслужни сме сите до еден! Не постои исклучок кога треба да го чуваме мајчиниот јазик, затоа што таа е света должност, дадена уште од нашиот великан Блаже Конески, или вториот Мисирков. Да не забораваме: „Со јазик сме некој и нешто!“ - заклучува Адамовски.