X
 28.10.2022 Живот

Учениците од Визбегово од понеделник без превоз

Во услови на економско-енергетска криза, Општина Чаир веќе не е во можност да го финансира превозот на речиси 500 ученици од други општини кои учат во училиштата на територијата на Чаир.

Меѓу нив се и ученици од населба Визбегово во Општина Бутел, за кои минатата година двете општини договориле да ги поделат трошоците, но, како што рече градоначалникот Висар Ганиу, Општина Бутел не се придржува на договорот и не му префрла пари на Јавното сообраќајно претпријатие.

Со постојани молби, претпријатието досега не го прекинувало превозот, но состојбата, рече Ганиу, кулминирала и од понеделник учениците од Визбегово нема да имаат обезбеден превоз.

Превозот на учениците што доаѓаат да учат во Чаир, оваа општина го плаќа од сопствени средства. Според Ганиу, се работи за 6 милиони денари за секоја година и тоа ја продлабочило состојбата со долговите што ги имаат кон други оператори.

- Во последнава недела бевме под постојан притисок од Јавното сообраќајно претпријатие, и со право, кое бара да платиме за превоз на децата од населба Визбегово од Општина Бутел. Со таа општина пред една година потпишавме договор и го објавивме во сите медиуми, и првпат заеднички ги поделивме трошоците за превоз на овие ученици. Но, Општина Бутел не се придржа до овој договор и не извршила никаква исплата кон претпријатието - рече Ганиу на прес-конференција.

И покрај тоа што Општина Чаир нема законска обврска да обезбеди образование за учениците кои немаат училишта на мајчин јазик во нивните населби, сепак, како што рече, од морална обврска не оставиле ниту едно дете без школување.

- Над 6 милиони денари за една година плаќаме за школувањето на овие ученици, поточно за нивниот превоз. Навреме се известени сите надлежни државни институции и побаравме зголемување на блок-дотациите, но одговор досега не добивме - рече Ганиу.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот