X
 01.11.2020 Наша тема

Кога се кине од плата поради Ковид-19, што им следува на наставниците, зошто ни бегаат младите научници, ќе го спасиме ли Охридското Езеро... Што пишувавме?

За вековните традиции и нивното одржување во оригинална форма, деценискиот проблем да најдеме начин да ги задржиме нашите млади научници, за наставата и платите на наставниот кадар, за животот во пандемија, човечкиот лик на великаните... Ова е само дел од она што го подготвивме изминатата недела.

Дел од она за кое пишувавме:

Добитникот на бронзениот медал, надежниот млад научник Александар Трајковски, веќе е во Љубљана, каде што ги почна студиите во прва година на Факултетот за хемија и технологија. Тој е еден од многуте што си заминуваат. Заминувањето и на еден талент е непроценлива штета за државата.



„Уште од март годинава, поради корона-кризата, се соочивме со многу предизвици во текот на образовниот процес. Опциите што тогаш ни беа понудени за изучување на материјалот делумно ја задоволуваа потребата на учениците за образование. Така, по неколку непроспиени ноќи и повеќе часови поминати во учење преку интернет се роди идејата да создадеме нешто за ефикасно и лесно достапно изучување на материјалите во образовниот процес на средношколците.“ Вака 16-годишната Анисија Угриновска, ученичка во скопската гимназија „Орце Николов“, ја почна приказната за тоа како таа и уште неколку нејзини врсници ја создале новата дигитална образовна платформа наречена ODAS Education, со која учењето на предметите во и надвор од училишниот материјал, како и учењето на далечина станува полесно и подостапно.



Согласно Законот за работни односи, на вработените во јавниот сектор, вклучително и наставниците, треба да им биде платено прекувременото работење, потсетуваат од СОНК.



Какви се правилата доколку некој отсуствува, а чека термин за тестирање или, пак, има докажан Ковид-19, или бил во контакт со заразен.

Испитувајќи електрични празнења во лабораторија во Колорадо Спрингс во 1899 година, Никола Тесла забележал интересни електрични сигнали преку отскокнување на стрелките на својот супер сензитивен (за тоа време) 102 dB инструмент. Резултатите толку ќе го изненадат, што животот по овој настан нема веќе да му биде ист. Во недостиг на подобра опрема, како и доволно слободно време (за кое ќе зажали во подоцнежните години од животот) не можел целосно и подробно да ѝ се посвети на својата цел, пишува Мирко Тодоровски во својата колумна, обидувајќи се да го претстави човечкиот лик на научникот.


Владите низ Европа и светот повторно се пред тежок предизвик: спречување и намалување на заразата со Ковид-19, откако светот го погоди вториот бран на коронавирусот. Некои земји повторно се одлучија на строги рестрикции и полициски час, а дел од нив дури и презедоа непопуларни одлуки, како што е затворањето на училиштата, баровите и салите за вежбање. Европските земји, па дури и регионите во самите земји, применуваат драстично спротивставени стратегии. Во една област се смета дека баровите се жаришта за размножување на случаите, додека во друга област за такви жаришта се сметаат училиштата.

Подлабоките делови од Охридското Езеро, место каде што живеат најзначајните видови организми, во 2031 година ќе бидат анаеробни – нема да има кислород неопходен за да дишат. Тоа ќе доведе до масовно изумирање на организмите и губење на голем дел од ендемичните и реликтните видови. На крајот, ќе го изгуби епитетот најзначајно езеро во Европа и светот, поради профитот на неколку луѓе и немањето волја да му се стави крај на дивеењето, вели проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје во интервјуто за Факултети.мк.



Сите учебници што ги побарале училиштата зашто постојните биле оштетени од претходните генерации се испечатени и дистрибуирани, тврдат од Министерството за образование и наука. Од МОН побаравме одговори на повеќе прашања поврзани со дотраените учебници откако на анонимната анкета објавена на Факултети.мк и на Деца.мк добивме разочарувачки ставови од многу родители, наставници и ученици.

Чудни времиња се овие во кои е забрането да бидеме на куп, а сепак е невозможно да опстанеш сам. Што учиме или што научивме за овие неколку месеци, и дали ќе успееме да го примениме наученото, пишува во колумната д-р Мими Пехчевска, експерт за личен и организациски развој.

Џоломарите се дел од пагански, автентичен обичај кој се одбележува на Василица во кавадаречкото село Бегниште. Жителите на селото со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Ритуалот на џоломарите е зачуван во својата најчиста, изворна форма и затоа е единствен во Македонија. А првпат е посветена и фотокнига - „Џоломари“ на овој пагански обичај и она што ја карактеризира е фактот дека за џоломарите се чита и раскажува дури и во Америка. Книгата е дело на тројцата автори Цветанка Темкова-Илова, Гоце Давидов и Сашко Илов.



Данчо се пензионира пред неполни две години, но никогаш не престана да доаѓа на факултет. Најмногу сакаше да игра во студентски филмови. Тоа беа најдобрите и најзабавните часови по глума од него. Од него научив дека професорот треба да игра во филмовите на студентите кога ќе го повикаат. Имаше ретко, изострено око за таленти. Ги препознаваше идните ѕвезди веднаш штом ќе влезеа на приемен испит, напиша Синоличка Трпкова за Данчо Чеврески, нејзин колега и другар. Тој почина во 69-тата година од животот, во Скопје, а освен актер и продуцент Чеврески беше и поранешен декан на Факултетот за драмски уметности.



Голем дел од граѓаните нема да излегуваат во кафуле, клуб или во ресторан ако во следниот период мора да се седи само внатре, на затворено. Со оглед на тоа дека температурите веќе опаѓаат, особено во вечерните часови, летните тераси пред угостителските објекти сè помалку ќе бидат функционални, па дури и оние чии простории се застаклени или, пак, имаат можност за проветрување од покривот. Прочитајте ги одговорите на анкетата.



Само храна за носење во германските ресторани, Хрватите и Португалците со маски и на отворено... Како Европа се штити од Ковид-19? Прочитајте го нашиот преглед.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема