X
 10.03.2017 Наука

Интересна техника со која за кратко време ја подобрувате вашата меморија

Истражувањето од Медицинскиот центар при универзитетот Редбуд во Нијмеген, Холандија покажува дека секој може да ја подобри својата меморија за таа да биде над просекот, без оглед на големината и структурата на мозокот.

Преку користење на магнетна резонанца се открило дека секој може да ја подобри својата меморија преку едноставна техника наречена „палата на помнењето“ - тајното оружје на Шерлок Холмс.

Станува збор за техника која вклучува замислување на одреден познат простор, во кој се сместуваат различни поими.

Така на пример, можете да ја замислите вашата дневна соба, каде на одредени места во мислите ќе си поставувате одредени поими од листата. Сè што треба да направите е да се сетите каде сте го ставиле поимот, па на тој начин многу полесно ќе се сетите на листата.

Така на пример, ако сакате да запомните листа од производи кои треба да ги пазарите, треба да замислите како овие производи ги ставате на специфични локации насекаде низ вашата дневна соба.

На учесниците од истражувањето им биле потребни 40 дена за двојно да ја подобрат нивната меморија. Тие секој ден, во период од 30 минути вежбале помнење на различни зборови. Некои учесници, со просечни способности за меморирање кои претходно немале никаков тренинг, на почеток, во просек помнеле околу 26 зборови, а оваа бројка на крајот од експериментот изнесувала 62 зборови.

Четири месеци подоцна, без дополнително тренирање, испитаниците и понатаму имале подобрена меморија.

„Откако ќе се запознаете со оваа стратегија и знаете како да ја примените, може да имате добро помнење без тренинг“, вели доктор Мартин Дреслер, професор по когнитивна неврологија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука