X
 28.02.2019 Наука

Загадувањето со азот диоксид предизвикано од човекот прикажано на мапа

Компанијата за анализа на податоци „Декарт лабс“ објави мапа на која се прикажани населби и индустриски објекти што предизвикуваат загадување.

Сребрените делови претставуваат емисија на азот диоксид, гас произведен од согорувањето што придонесува за појава на кисели дождови и формирање магла. Азотниот диоксид е штетен за луѓето бидејќи може да предизвика белодробен едем, па дури и смрт. Иако постојат природни извори на азотен диоксид, луѓето се главни емитери, вели Агенцијата за заштита на животната средина.

Автомобилите, камионите, електричните централи, фабриките, па дури и косилките за трева и градежната опрема ослободуваат азот диоксид во атмосферата, како и шумските пожари.

- На мапата можете да видите каде нешто гори - вели Лора Мазаро, атмосферски научник и инженер за животна средина од „Декарт лабс“.

Податоците доаѓаат од сателитот „Сентинел 5П“, кој бил лансиран во октомври 2017 година и ја следи атмосферата. Тој е дел од семејството сателити лансирани од Европската вселенска агенција дизајнирани да ја набљудуваат нашата планета. Другите сателити се задолжени за набљудување на вегетацијата, температурата, па дури и пукнатините на антарктичкиот мраз.

Оваа мапа е една верзија од серијата слики што „Декарт лабс“ ги објави претходно во февруари. За да ги направат, истражувачите создадоа композит од индивидуални слики што ги сними сателитот „Сентинел 5П“ во текот на август и септември 2018 година. Облачните денови и сликите со низок квалитет биле филтрирани за да се создаде мапата на просечното количество на азотен диоксид во најнискиот дел од атмосферата на Земјата, кој било ден во текот на тие два месеца.

Азотниот диоксид не преживува доволно долго во атмосферата за да патува далеку од местото каде што бил произведен. Иако емисиите на азот диоксид се концентрирани во градовите, каде што луѓето повеќе возат автомобили, постојат и други извори, како бродските линии и индустриските градови што се наоѓаат во изолирани подрачја.

Во комбинација со азотниот диоксид, овие траги нудат јасна слика за начините на кои го загадуваме воздухот што го дишеме, речиси секаде каде што одиме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука