Ако помислата да ги поминувате деновите правејќи го она што го сакате (или да не правите ништо) ви звучи привлечна, тогаш новата работна можност во Шведска може да биде совршена за вас.
Уметнички проект што нуди кариерни можности ќе биде отворен за поднесување апликации во 2025 година - сè што ќе бара од вработените ќе биде тие само да се појавуваат на работа.
За да го изврши единственото барање, избраниот вработен секое утро ќе треба да се пријавува на железничката станица Корсваген во Гетеборг, Шведска. Таму ќе треба да чукне часовник што потоа ќе вклучи флуоресцентни светла. Работникот ќе добива плата од 2.050 евра и придобивки како што се одмор и пензија.
Откако вработениот ќе се пријави на железничката станица, која во моментов е во фаза на изградба, ќе биде слободен да го помине останатиот дел од денот како што сака - до моментот кога ќе дојде време повторно да се пријави и да ги исклучи светлата.
Што ќе прави во текот на денот, останува самиот да одлучи - тоа значи дека ќе може да ја напушти железничката станица или ако сака може да остане.
Оваа работа доаѓа со прилично голема стабилност, со оглед на тоа што работата ќе биде загарантирана за цел живот или сè додека вработениот сака да работи.
Социјалниот експеримент се вика „Вечно вработување“ и е создаден од шведските уметници Сајмон Голдин и Џекојб Сенеби, кои ја финансираат платата на идниот вработен со паричната награда од Агенцијата за јавна уметност во Шведска и Шведскиот уметнички транспорт.
Наместо да ја донираат наградата од 650.000 долари за украсување на железничката станица, тие одлучија да преземат нешто во врска со иднината на работниот сектор, давајќи му на вработен целосна контрола врз неговата кариера.
- Сè додека живееме во општество каде што враќањето на капиталот е значително повисоко отколку просечното зголемување на платите, „Вечно вработување“ ќе функционира - пишува во описот на работното место.
Откако работата ќе се отвори за кандидатите, Голдин и Сенеби ќе ги разгледаат потенцијалните вработени од целиот свет и ќе бидат „работодавец што дава еднакви можности“.
Единствениот услов ќе биде избраниот вработен да нема друга
работа додека е вработен во железничката станица.