X
 10.04.2022 Наука

Научниците открија што ја прави една личност здодевна

Иако многумина од нас се трудат да бидат интересни, здодевните луѓе се насекаде. Можеби тоа е личноста што никогаш не ја завршува приказната како што треба или некој што едноставно не може да престане да ви зборува за неговите досадни „авантури“.

Нов труд истражува што ги прави луѓето да изгледаат здодевни и како тоа влијае врз нашата перцепција во однос на здодевните луѓе. За да го направат ова, истражувачите побараа од над 500 луѓе во пет различни студии да ги рангираат стереотипно најздодевните карактеристики, хобија и работни места.

- За жал, некои луѓе се доживуваат како здодевни - пишува во својот труд тимот, предводен од психолошкиот истражувач од Универзитетот во Есекс, Вајнанд ван Тилбург.

- Ги испитавме стереотипните карактеристики на здодевните луѓе. Овие резултати посочуваат дека стереотипите како здодевни може да имаат значително негативни меѓучовечки последици - велат истражувачите.

Во првите две студии, кои опфатија 463 луѓе, тимот побарал од учесниците да направат листа со карактеристики што ги сметаат за здодевни, а потоа да ги рангираат.

Истражувачите ги класифицирале овие професии како најздодевни:

- Сметководство;
- Банкарство и финансии;
- Библиотекар;
- Чистење;
- Продажба;

Како најдосадни хобија беа класифицирани:

- Спиење;
- Гледање ТВ;
- Набљудување животни;
- Религија;
- Математика;

Кога беа прашани за карактеристиките на стереотипните здодевности, луѓето номинираа атрибути како што се немање интереси, чувство за хумор, недоволно мислење или жалење.

dosadna
Фото: Freepik

Во следните две студии што ги презеде тимот, кога на луѓето им биле претставени описи на имагинарни луѓе според „карактеристиките на здодевноста“ пронајдени во првата студија (вклучувајќи придавки како „необразован“ или „има монотон глас“), се сметало дека здодевните луѓе немаат топлина и компетентност и биле социјално избегнувани.

Уште полошо, во последната студија, на прашањето колку ќе им треба финансиски да бидат компензирани за трошење време со „стереотипна досада“, учесниците номинирале значителни суми на пари.

- Перцепциите можат да се променат, но луѓето можеби нема да одвојат време да разговараат со оние со „досадни“ работни места и хобија - рече Ван Тилбург.

- Тие не добиваат шанса да им докажат на луѓето дека грешат и да ги поништат овие негативни стереотипи.

Ова е релативно мала студија, а поголемиот дел од учесниците живееле во САД, па веројатно е дека низ целиот свет различните работни места, хобија и карактеристики може да се класифицираат како здодевни.

Но, оваа студија е една од првите што го истражува стереотипот за „здодевни луѓе“ во повеќе домени и важно е да се има оваа информација за да се обидат да ги разбијат тие стереотипи.

На пример, тимот се прашува зошто здодевните луѓе биле сметани за некомпетентни и покрај тоа што овие атрибути не се поврзани.

- Би помислил дека сметководителите ќе се гледаат како здодевни, но ефективни и совршени личности за да завршат добра работа со вашата даночна пријава - рече Ван Тилбург.

- Вистината е дека луѓето како банкарите и сметководителите се многу способни и имаат моќ во општеството – можеби треба да се обидеме да не ги вознемируваме и да не ги сметаме за здодевни - додава тој.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука