Проектот „Концепт за напреден систем за домување на возрасни лица“ на студентите Катерина Билбилоска, Милан Јанковски, Матеј Пунтевски и Константин Кузмановски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) освои награда најдобар проект во категоријата симулација на Меѓународната културна и академска средба на студентите по технички науки (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students – ICAMES 2019).
24. издание на ICAMES се одржа од 3-9 мај во Истанбул, Турција, во организација на Друштвото на инженери од Универзитетот „Богазиџи“. Според менторот на студентите, вонредниот професор Александра Крколева - Матеска, овој настан има повеќедимензионален карактер – академски, натпреварувачки, социјален и мултикултурен.
Со ова, студентите на ФЕИТ ја продолжуваат традицијата на освојување награди, затоа што и минатата година освоија награда на ICAMES 2018, за проектот за енергетска ефикасност за зградата на факултетот, кој ги интегрира конвенционалните и обновливите извори на енергија.
Добитниците со менторката Крколева - Матеска
- Покрај натпреварувачкиот дел, во кој се претставуваат студентски проекти и се вреднуваат студентските достигнувања, учесниците имаат исклучителна можност да се запознаат и да се дружат со своите колеги од повеќе земји во светот. Оваа година, на ICAMES 2019 учествуваа студентски тимови од повеќе земји, вклучувајќи ги Финска, Италија, Украина, Азербејџан, Турција, Јордан, Египет, Бангладеш, а дел од земјите беа претставени од повеќе тимови. Студентските проекти треба да бидат поврзани со однапред зададена тема. Oваа година темата беше роботика и вештачка интелигенција“ - вели професорката Крколева - Матеска.
Македонскиот тим е составен од студенти од студиската програма Електроенергетски системи од ФЕИТ. Според нив, ова признание претставува „можност да се направи нешто повеќе отколку само да се студира. Тоа е почеток на наредните успеси на различни настани и конференции, прозорец да се продолжи напред и како тим и како поединци. За ФЕИТ, ова е конзинстентно продолжување на создавање квалитетни студенти, кои ќе бидат инспирација за другите колеги. Ова претставува и презентација на Македонија во најдобро светло.
Презентацијата во Истанбул
Практично, наградата за најдобар конкретен (изведен) проект и наградата за најдобар проект во категорија симулација се највисоки признанија кои можат да се добијат на ICAMES. Оценувачите, кои беа составени од менторите на студентските тимови и еминентни професори од Универзитетот Богазиџи, особено го вреднуваа трудот и резултатите на самите студенти, нивните идеи и начинот на кој ги претставуваат своите проекти.
- Успехот на нашите студенти е резултат на нивното знаење, упорност и желба да го покажат она што го знаат и умеат. Покрај тоа, од особено значење беше поддршката од ФЕИТ, Институтот за преносни електроенергетски системи и здружението МАКО СИГРЕ - додава Крколева - Матеска.