X
 03.01.2019 Технологија

Цената што ја плаќаме поради револуцијата на литиумската батерија

Батериите што го напојуваат нашиот високотехнолошки животен стил се изградени користејќи материјали извадени од валкани услови што се честопати опасни за живот.

Ако имате мобилен телефон, лаптоп, хибриден автомобил или електрично возило, добро би било да го прочитате ова.

Веројатно сте слушнале за крвавите дијаманти и конфликтни минерали. Можеби дури и сте прочитале за тоа како големите потрошувачки технолошки компании се обидуваат да одредат од каде доаѓаат материјалите што влегуваат во нивните уреди. Но, приказните за снабдувачките извори, глобализацијата и лошите услови за работа можеби изгледаат доста далеку и нереални.

Земете го за пример Ју Јуан, земјоделец кој живее во близина на фабрика за графит во Североисточна Кина. Неговото поле со пченка е неплодно токму поради фабриката, а на неговиот прозорец може да се најде прашина од графитот. Тој и неговата сопруга се загрижени за воздухот што го дишат, а водата не може да се пие бидејќи е загадена од хемикалиите што се фрлаат од фабриката.

- Овде нема да постои ништо откако фабриката ќе заврши со оштетувањето на ова место - вели Ју Јуан.

„Вашингтон пост“ неколку пати истражуваше за потеклото на овие материјали - го следеше патот на првиот кобалт, а потоа и на графитот, како што се оддалечувале од рудниците до фабриките и конечно, пристигнувајќи до нашите раце како катоди и аноди за литиум-јонски батерии. Секоја приказна на „Вашингтон пост“ е извонреден спој на истражувачко новинарство, известувајќи за бизнисот и апелирајќи да се соочиме со последиците од поседувањето на уредите што го водат нашиот високотехнолошки начин на живот.

Додека графитот се копа и преработува претежно во Кина, огромна количина на кобалт доаѓа од рудниците во Демократска Република Конго, каде што рударите понекогаш копаат и низ подот на своите куќи во потрага по руда. Рудниците често се распаѓаат, а повредите и смртните случаи се чести. Откако ќе се извадат, материјалите завршуваат во Азија, каде што компании за кои веројатно никогаш не сте слушнале ги претвораат во делови од батерии. Најголемите производители на батерии во светот, вклучувајќи ги и „Самсунг Ес-ди-ај, Ел-џи чем“ и „Панасоник“ потоа купуваат компоненти и ги претвораат во батерии што подоцна се дел од компјутер, телефони и автомобили.

Литиумските батерии се ценети затоа што се лесни и имаат висока енергетска густина во споредба со другите батерии. Модерниот паметен телефон би било тешко да се замисли без литиумска батерија. Тие им помагаат на хибридните автомобили, а малата, брзо растечка флота на сите електрични возила не би постоела без нив.

Интересот за електрични автомобили е особено поттикнат од тврдењата дека возилата се чисти и добри за природната средина. Ова би можело да е вистина во земјите каде што се продаваат. Но, ако се земе предвид поголемата слика, реалноста е нешто сосема друго.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија