Софтверот „Ди сан џи јан“, познат како и „Трето око“, е програма за надгледување која многу кинески компании ја користат за да ја следат работата на вработените. 32-годишниот Џанг Ји за „Инсајдер“ открива дека работел 12-16 часа дневно во претходната компанија, но му се случило работодавецот да го праша зошто гледал две видеа во работното време.
Системот го следи користењето на интернетот и времето за одмор на работниците, како и други слични софтвери што се користат во други земји. Но „Трето око“ оди чекор понапред бидејќи работодавците може да видат што точно гледаат нивните вработени на екранот. Дополнително, софтверот праќа известување кога вработениот гледа видео на некоја платформа за видеосодржини или пребарува огласи за вработување.
Според Ји, работодавците разгледуваат извештаи за ефикасност за секој вработен во кои се опишува како тие го користеле работното време. Во Кина често се случува работниците да работат 12 часа дневно, шест дена во неделата. Ји открива дека некои негови колеги чувствувале потреба поради системот да бидат онлајн 24 часа дневно.
Фото: Pixabay
За жал, ова не е единствениот ваков софтвер што се користи. Во 2018 во Кина била претставена апликација што постојано ја следи локацијата на вработените, а досега дури 347 компании ја користат.
Се користат и софтвери за следење на историјата на пребарување на мобилниот телефон на вработените кога се приклучени на интернетот на компанијата, како и софтвери што ги блокираат телефонските апликации што може да ја нарушат продуктивноста на вработените, како социјални мрежи.
Според локални медиуми, кинеската подружница на „Канон“ работи на камера која пушта само насмеани вработени во канцеларијата.
Извор:
Insider