X
 04.07.2022 Живот

На Германија очајно ѝ требаат работници од Балканот

Да дојде секој што може да работи - вака накратко може да се опише апелот на Кристијан Дир, шеф на пратеничката група на либералите во германскиот парламент.

- По фазата на гастарбајтери во 60-тите и 70-тите, пазарот на трудот се затвори. Мора да биде обратно. Денеска мотото мора да биде: Секој што може да живее од неговите раце, веднаш мора да има работна дозвола - изјави Дир.

Тоа би бил вообичаен говор на економски либерал, ако не беа две работи: либералите сега се на власт, заедно со социјалдемократите и зелените. Уште поважно – на изјавата на Кристијан Дир ѝ претходеа драматични апели од голем број индустрии кои едноставно не можат да најдат доволно работна сила во Германија.

Се бараат и келнери


Фотографиите од хаосот и метежот на германските аеродроми и илјадниците откажани летови на почетокот од летната сезона ја принудија Владата да интервенира и да вети експресно издавање на работни дозволи. Затоа што за време на пандемијата аеродромите и авиокомпаниите отпуштаа луѓе, а денес им недостигаат повеќе од 7.000 вработени.

Очите се насочени кон Турција и Западниот Балкан, од каде што треба да се регрутира работна сила за период од најмногу три месеци.

И на авиосообраќајот му се потребни работници, но се огласуваат и рестораните кои експлицитно ги повикуваат властите да им олеснат и да им донесат луѓе од Западен Балкан.

Релативно новиот германски закон за имиграција дозволува работа за секој што ќе најде работодавец - под услов да е вешт во нешто. Може да бидат сметководители или возачи, важно е да имаат некаква документација.

Исклучок е таканареченото „западнобалканско правило“, усвоено во екот на бегалската криза, кога на мигрантите од Сирија и од Далечниот Исток масовно им се придружија баратели на азил од Србија, Македонија или Косово. Тогаш беше прецизирано дека годишно 25.000 лица од земјите на Западен Балкан можат да добијат работни дозволи во Германија, дури и кога станува збор за неквалификувани работници.

germanija
Фото: Freepik

Но, сега угостителското здружение „Дехога“ бара повеќе.

- Во земјите од Западен Балкан има многу работна сила која би работела во хотелите и рестораните во Германија - тврди првиот човек на здружението, Гидо Челик.

И рестораните речиси немаа работа во периодот на пандемијата. Сега, кога пандемијата веќе подолго време мирува, рестораните немаат работна сила. Челик вели дека околу 60 отсто од хотелите и рестораните бараат келнери, готвачи и собарки.

Затоа бара Владата дополнително да го продолжи „западнобалканското правило“, кое истекува на крајот од 2023 година, и да го забрза издавањето визи и работни дозволи. Тој вели дека платите во гастрономијата растат со двоцифрен процент.

Германскиот пазар на труд е „жеден“ за занаетчии од секаков вид, возачи или медицински персонал кои масовно доаѓаат од Србија и од околината. Истражување на „Дојче веле“ покажува дека клиниките и старските домови им плаќаат на посредниците по 15.000 евра за да им донесат само еден негувател.

Недостигот на работна сила е таков што не може да се пополни со брзи акции, како што е носење гастарбајтери на аеродромите за да се спасат годишните одмори на Германците.

- Во првиот квартал беа слободни 1,74 милион работни места, а стапката на невработеност е веќе под 5 отсто. Затоа е илузорно дека дупката може да се пополни само со зголемување на платите и подобрување на работните услови, иако овие чекори се точни - пишуваат германските весници.

- Недостигот ќе биде многу поголем и нема да биде ограничен на одредени гранки. Највидлив е во услужните дејности бидејќи токму таму коронавирусот остави најголеми последици - се додава во текстот на весникот „Цајт“.

Според процените на експертите, недостигот на работници може да надмине три милиони до 2030 година. Бидејќи таканаречената бејби-бум генерација ќе се пензионира помеѓу 2025 и 2035 година, тоа значи уште поголем недостиг.

Неодамна германскиот министер за труд Хубертус Хајл најави „модерен закон за имиграција“ за наесен. Постојат шанси доаѓањето во Германија да биде уште полесно.

Од друга страна, прашање е колку луѓе се подготвени да заминат во Германија. Сѐ почесто се слуша дека пазарот на труд пресушил, а на регионот му се заканува демографска катаклизма.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот