X
 10.06.2021 Живот

Големината на зеницата може да биде знак за интелигенција

Се чини дека големината на зеницата кажува многу повеќе отколку што мислиме. Ново истражување спроведено во лабораторија на Технолошкиот институт во Џорџија покажува дека големината на зеницата е поврзана со интелигенцијата.

Истражувачите велат дека лицата со поголеми зеници се поинтелигентни. Овој заклучок е донесен по спроведени тестови за логично размислување, фокусирано внимание и помнење. Според нив, разликата помеѓу испитаниците со најдобри тестови за интелигенција и оние со најлоши била доволно голема за да се забележи со око. Истражувачите работеле со 500 испитаници на возраст од 18 до 35 години од САД.


Фото: Pixabay

Зеницата е црниот круг во средината на окото, кој може да биде широк од два до осум милиметри. Околу зеницата има ирис, што ја контролира големината на зеницата. Зениците најчесто ја менуваат големината врз основа на светлината.

Истражувачите откриле дека поголемата зеница се поврзува со поголема интелигенција за логичко размислување и фокусирано внимание, а во помала мера и со капацитетот за помнење. Освен тоа, големината на зеницата се поврзува и со возраста, односно постарите испитаници почесто имале помали зеници.

Според истражувачите, едно можно објаснување за врската помеѓу големината на зеницата и интелигенцијата е дека луѓето со поголеми зеници имаат подобра активност во делот од мозокот што лачи хормон кој ги регулира процесите како перцепција, внимание, учење и помнење, но и помага во поврзувањето на деловите во мозокот за завршување тешки задачи. Проблеми со работата во овој дел се поврзуваат со состојби како Алцхајмерова болест.

Извор: Scientific American
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот