Експертите тврдат дека воведувањето една утринска навика долгорочно може да помогне да имате подобар шеќер во крвта. Најдобро од сè е што за оваа активност ќе треба да одвоите само десет минути дневно.
Многумина мислат дека воведувањето здрави навики е покомплицирано отколку што всушност е. Најчесто е потребно да се одделат само неколку минути во денот за да се видат позитивните ефекти врз здравјето. Воведувањето утрински навики е особено добро за оние што имаат проблеми со шеќерот во крвта, а решението за подобро ниво на шеќер се крие во 10-минутна активност.
Како што тврдат експертите за „Итинг вел“, кратка 10-минутна прошетка по појадокот може да помогне да се намали нивото на глукоза во крвта, но под услов на прошетка да тргнете веднаш по појадокот.
Како влијае кратката прошетка?
По оброкот нивото на шеќер во крвта природно расте, а движењето може да помогне во регулацијата.
- Кратката прошетка по појадокот помага да се ублажат наглите скокови бидејќи глукозата се користи како извор на енергија наместо да се акумулира во крвта - тврди нутриционистот Ребека Џаспен.
Сепак, времето е клучно за оваа активност да биде ефикасна. Едно истражување покажа дека 10-минутната прошетка веднаш по внесувањето јаглехидрати е поефикасна од 30-минутната прошетка одложена за половина час бидејќи учесниците имале пониски врвни и просечни нивоа на глукоза.
Прошетката по појадокот треба да стане секојдневна навика
Кај лицата со дијабетес инсулинот или не дејствува ефикасно или телото не го произведува доволно, затоа е важно да се воведе некој облик на активност.
- Редовната физичка активност ги прави клетките поосетливи на инсулин - истакнува нутриционистот Ејми Кимберлејн.
Сепак, за да се подобри осетливоста на инсулин, прошетката по појадокот треба да стане секојдневна навика. Ефектот на физичката активност врз осетливоста на инсулин трае до 24 часа, по што слабее. Затоа редовното, дури и краткотрајно движење ќе ја зголеми веројатноста за долгорочно подобрување.
Шеќерот во крвта не зависи само од исхраната, важна улога има и стресот кој, според Американското здружение за дијабетес, може да влијае врз зголемувањето на нивото на шеќер во крвта.
- Стресот го зголемува нивото на хормоните како што се кортизол и адреналин и го подготвува телото за реакцијата 'бори се или бегај' - објаснува Џаспен. Како одговор, телото ја ослободува складираната глукоза во крвотокот, иако тоа всушност не е потребно.
Добрата вест е дека утринската прошетка може да помогне. Умереното одење го намалува нивото на хормоните на стрес, особено на кортизолот, па освен што помага во регулацијата на шеќерот во крвта, придонесува и за посмирен почеток на денот.
Фото: magnific