Постојат 70 отсто шанси за повторување на Ел Нињо пред крајот на оваа година, вели Светската метеоролошка организација. Последниот Ел Нињо се случи во 2015-16 година и влијаеше на временските услови низ целиот свет.
Истражувачите велат дека не очекуваат овој нов да биде толку интензивен како во 2015-16. Според Светската метеоролошка организација, климатските промени влијаат врз традиционалната динамика на овие временски настани.
Ел Нињо/Јужната осцилација, е природен настан што вклучува флуктуирачки температури на површината на океанот во Пацификот, што влијаат на временските услови низ целиот свет.
Ел Нињо во 2015-16 година беше еден од најсилните досега забележани, а имаше влијание врз глобалните температури со што во 2016 година се запиша во книгата на рекорди како најтопла година.
Фото: NOAA/SCIENCE PHOTO LIBRARY
Освен жешкото време, настанот довел до суша во Африка, со што производството на храна опадна во многу земји низ целиот континент. Јужна Америка се соочи со поплави низ Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај.
Оваа година започна спротивноста на Ел Нињо, таканаречената фаза Ла Ниња што предизвика постудени температури од просекот на морската површина во Пацификот. Ова сега избледе, и според моделите на Светската метеоролошка организација, постои 70 отсто шанса за уште еден Ел Нињо до крајот на оваа година.
-Светската метеоролошка организација не очекува овој Ел Нињо да биде толку моќен како настанот од 2015-2016 година, но сепак ќе има значителни влијанија - изјави генералниот секретар Петери Талас.
-Предвременото предвидување на овој настан ќе помогне да се спасат многу животи и значителни економски загуби - додаде тој.
За првпат, Светската метеоролошка организација го спои ажурирањето на Ел Нињо со глобалните сезонски климатски изгледи за периодот септември-ноември. Прогнозата вели дека над нормалните температури на површината се предвидени речиси за целиот азиско-пацифички регион, Европа, Северна Америка, Африка и голем дел од крајбрежна Јужна Америка.
Додека Ел Нињо обично се појавува на секои пет до седум години, повторувањето на настанот толку блиску до претходниот, укажува на тоа дека климатските промени може да имаат големо влијание.
-Климатските промени влијаат врз традиционалната динамика на настаните на Ел Нињо и Ла Ниња, како и врз нивните влијанија - вели Талас.
Јапонското метеоролошко биро соопшти дека постојат 60 отсто шанси временскиот модел на
Ел Нињо да се појави во северната хемисфера од септември до ноември.