X
 10.09.2020 Образование

Царовска: 36 училишта досега побарале настава со физичко присуство

Се чека и дополнителни пријави да пристигнат до крајот на денот, а има уште дополнителни три дена за пријавите што би стигнале по пошта.

Вкупно 36 училишта од цела земја до овој момент побарале да имаат настава во школските клупи, изјави министерската за образование и наука Мила Царовска.  Од нив 15 се средни, а 21 основни. Сепак, се чека и дополнителни пријави да пристигнат до крајот на денот, а има уште дополнителни три дена за пријавите што би стигнале по пошта.

- Затоа се формира тело во кое членуваат претставници од кабинетот на претседателот на Владата, МОН и Министерството за здравство, во координација со Комисијата за заразни болести. Како што пристигнуваат барањата, тековно ќе се разгледуваат и ќе се одлучува за секое. Поголемите училишта се ризик, но секако одлуката ќе ја донесе владиното тело. Сепак, сите што поднеле барање за физико присуство се спремаат и за онлајн-настава. Динамичен е процесот и сѐ зависи од моменталната епидемиолошка слика - рече Царовска.

Таа на денешната прес-конференцијата ги образложи приоритетите во нејзиниот четиригодишен мандат, откако го прими мандатното писмо. Царовска рече дека образованието и кај нас не остана имуно на корона-кризата. Го наследува ресорот во тешка состојба, но тоа ѝ дава дополнителна сила да се најде најдобро решение и да почне учебната година.

- Воведуваме комбиниран модел со физичко присуство и онлајн-настава, а училишната година ќе почне на 1 октомври. Пандемијата покажа колку е важно да се осовременува образованието и да наоѓаме нови модели на следење на образовниот процес. Наскоро ќе ја претставиме и првата национална платформа за онлајн-учење и горда сум што првпат како држава ќе имаме платформа со двонасочна комуникација која ќе биде лесна за користење за наставниците, учениците и родителите, но и за образовните институции. Ќе се користи во време на Ковид-19, но и за понатаму - рече Царовска.

Таа нагласи дека приоритети во наредните 4 години се квалитетно образование за сите деца, еднаквост, воспитување и образование во духот на мултикултурализмот. Таа рече дека ќе работи безрезервно и транспарентно, ќе се вложат сите напори да се подобрат оценките на меѓународните тестирања, да се врати достоинството на наставниците преку вреднување на нивниот труд. Вети инвестиција во кариерниот развој и унапредување на наставниците, промоција и поддршка на стручното образование, изградба на нови училишта, реновирање на руинирани, одржување на реновираните згради.

Царовска рече дека нема да ги заборават студентските домови, а студентите ќе имаат пристојни места за живеење. Таа објасни дека протоколите за ученичките и за студентските домови се подготвени, наскоро ќе бидат разгледувани. Кога ќе биде донесена одлуката, јавноста ќе биде известена.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование